Владата на својата Четврта седница донесе повеќе заклучоци од Одлуки, а меѓу нив и они за родители на деца до 10 години. Ова се заклучоците кои се однесуваат на нив:
„Родителите чии деца се до шестгодишна возраст, почнувајќи од 23.9.2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, имајќи предвид дека детските градинки отпочнаа со активности за згрижување и воспитание на деца од 9.9.2020 година, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ“.
„Родителите чии деца се од шест до 10 годишна возраст се вклучени во воспитно – образовниот процес во училиште, почнувајќи од 23 септември 2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, без разлика на начинот (со физичко присуство или од далечина) на кој детето ќе ја следи наставата во училиштето, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ“.
Од последните одлуки на Владата, произлегуваат повеќе прашања, за тоа како родителите ќе се грижат за децата дома, а треба да одат на работа. Оние ученици кои ќе посетуваат настава во училиште, таму нема да се задржат цело работно време, оние пак што одбраа настава на далечина, односно од дома во зависност од возраста, ќе имаат потреба од возрасен покрај себе.
Исто така, како проблем се појавува и техничката помош за користење на електронски уреди и апликации преку кои ќе се врши наставата „на далечина“ за учениците од најмалите возрасни групи.
Воедно, сите родители на деца кои оваа училишна година ќе бидат првачиња, ќе треба да најдат решение за премостување на периодот 23 септември до 01 октомври од причина што нивните деца се отпишани од градинка, но сеуште не се започнати со посетување на училиште.
Да потсетиме дека според законите, образовнието во нашата држава е задолжително и основното и средното. За непочитување на одредбите од законите, следуваат „солени“ казни за родителите.
Во моментов во Собранието, чекаат измените на законите за образование, со кои ќе се регулира одвивањето на образовниот процес во новонастанатата ситуација со кризата оваа година.