Саша Богдановиќ: „Ќе направам се Работнички да биде европски шампион, можеби за некого е невозможен, но Работнички прави чуда“

ИЗВОРСкопје24
|

Саша Богдановиќ – директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар и граѓански активист кој зад себе има реализирано повеќе хуманитарни акции за помош на најзагрозените, е уште еден наш Скопски лик на денот. Без размислување ја прифати поканата за разговор со нашата екипа и ни раскажа за некои од работите кои нас како Скопјани од секогаш не интересираат, за тоа каде го гледа неговиот омилен клуб „Работнички“ и за својата хумана страна.

  1. Што е вашата прва помисла за градот Скопје?

– Скопје е мојот град. Иако не е мое родно место, тука имам израснато и го паметам по убавите спомени од младоста. Денес Скопје го нема тој драж кој беше карактеристичен за овој град и повеќе од јасно е дека му се потребни промени. Повозрасните граѓани се сведоци за едно поубаво Скопје, а ние новите генерации сме тие кои треба да го направиме уште поубаво за идните.

2. Како директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар веројатно постојано се среќавате со поплаки од граѓаните, дали сметате дека во Скопје имаме добра сообраќајна култура?

– За секоја промена е потребно време да се адаптира и прифати од едно општество. Се разбира, паркинзите се од големо значење секаде во светот и тој чекор беше повеќе од неопходен во Скопје, особено во централното градско подрачје. За разлика од пред 5 години до сега, можам да кажам дека многу е подигната свеста кај жителите за паркинг услугите и имаме многу позитивни промени во односот на возачите кон просторот кој е наменет за паркирање, а кој за пешаци.

3. Пред неколку месеци ПОЦ ја пушти мобилната апликација како сте задоволни од нејзината употреба, сметате дека таа e доволно искористена од страна граѓаните или сметате дека се уште не сме навикнати да ги извршуваат плаќањата електронски?

-Да, ја направивме таа апликација за да им олесниме, како на жителите од Центар, така и на сите граѓани кои ги користат нашите услуги. Се разбира, апликацијата е повеќе користена од помладата популација која секојдневно користи и други апликации на своите смартфони, но затоа обучивме тим кој ги контактира сите корисници со цел да ги информира и оние кои не би знаеле како и за што може да им биде од корист оваа апликација. До сега имаме позитивен фидбек од оние кои ја употребуваат.

4. Го поддржавте и проектот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, дали сметате дека во Скопје има доволно зелени површини за играње на децата, и дали сметате дека времето на компјутери и таблети денеска од децата прави роботи, намесо слободни личности?

– Кога го осмисливме проеткот со мојот тим, целта беше токму таа- да ги извадиме децата надвор и да ги „вратиме во нашето време“. Да го почувствуваат тоа што ние сме го имале, бидејќи технологијата оди напред и неизбежно е тоа, дека новите генерации се пороботски растени. На наше огромно задоволство, децата се пронајдоа и уживаа во цртање, пластелин, топка, школица, народна и слични игри кои можат да се играат само надвор. Зелени површини во Скопје знаеме сите дека се оскудни, а е од големо значење да ги има, особено во голем град како што е Скопје и воздухот е се’ позагаден.

5. Како поддржувач на спортот и помагач на Кошаркарскиот Клуб „Работнички“, сметате ли дека идните генерации на млади луѓе имаат спортска иднина во Македонија? Очекувате ли дека можеби еден ден на клубско ниво во кошарката ќе станеме европски шампиони со ова темпо со кое денеска напредуваме?

– Секако дека имаат и тоа можам да кажам блескава иднина. Но, освен талентот и желбата кај младите значителна улога имаат и институциите кои имаат директна или индиректна врска со спортот. Ние како општина и ЈП ПОЦ во изминатиот период значително инвестиравме во спортот во општина Центар. Освен школските натпревари успеавме да вложиме средства во многу спортисти и спортски клубови. Највеќе се инвестираше во КК Работнички каде Општина Центар е 100% сопственик. Инвестиравме во првиот тим но, најважно од се е што ја вративме младинската школа која отсекогаш била расадник на квалитетни кошаркари.
Искрено ќе направам се Работнички да биде европски шампион иако тој пат е многу тежок. Можеби за некого е невозможен но, јас знам дека Работнички прави чуда.

6. За себе велите дека сте активист кој се залага за правата на сите граѓани и имате спроведено имате повеќе хуманитарни акции, што е она што следно може да се очекува од Вас на оваа тема?

– Минатата година започнавме со хуманитарните акции сосема спонтано бидејќи владееше замислата дека државата не им помага на оние кои имаат потреба од лекување, храна, парична помош, дрва за огрев и слично. Решивме да пробаме и сфативме дека со малку напор и помош од пријателите правиме навистина многу. Така граѓаните не’ дознаа и барањата за помош почнаа да зачестуваат во ПОЦ. За ова не сме заслужни само ние, туку и сите чии порти беа ширум отворени за помош на тие граѓани. До сега, на сите кои сме им помогнале имале убава завршница, а искрено, нема поубаво чувство од тоа кога знаеш дека на некого си му помогнал кога му било најтешко.

(Наталија Јосифоска)