Скопје доби уште една адреналинска патека

|

Во непосредна близина на просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ во Градскиот парк во Скопје од денеска може да се користи новиот памптрак полигон. Љубителите на скејтбордот, велосипедизмот и ролерите добија уште една адреналинска патека на површина од 700 метри квадратни која е наменета за сите возрасти.Велодромот е опремен со соодветно осветлување, хортикултурно уредување и фонтана за вода, а со цел да е попристапен за граѓаните целосно беше реконструиран и големиот паркинг во непосредна близина.

–Овој проект е изработен во соработка со долгогодишниот партнер на Градот Скопје во развојот на велосипедизмот и алтернативниот начин на движење – Стопанска банка АД Скопје. Сакам да упатам голема благодарност до Стопанска банка за целокупниот ангажман што го имаше досега, таа е сериозен партнер на кој може да се потпре Градот Скопје. Во овие тешки времиња соработката меѓу општествено одговорните компании и институциите може да даде квалитет во уредувањето на отворениот простор каде што граѓаните ќе можат безбедно да се движат, да се рекреираат и да се дружат – изјави денес градоначалникот Петре Шилегов, на отворањето на велодромот во Градскиот парк.

Првата ваква адреналинска патека беше изградена лани во непосредна на Олимпискиот базен.