Стечајниот управник на Еуростандард банка Душко Тодевски, тврди дека нема физичко ниту пак правно лице кое има депозит или депозити во вредност од седум милиони евра во банката, како што повеќе пати се шпекулираше во јавноста.
„Имајќи предвид дека во текот на изминатиот месец, во повеќе објави се пласира неточна информација дека депонент – физичко лице во Еуростандард Банка имал депозит – заштеда во износ од 7 милиони евра, како стечаен управник се чувствувам должен да Ве известам Вас и севкупната јавност дека во Еуростандард Банка со состојба 12 август 2020 година нема депонент физичко лице со депозит во износ од 7 милиони евра ниту депонент – физичко лице којшто има повеќе депозити во Банката во вкупен износ од 7 милиони евра и нема депонент правно лице со депозит во износ од 7 милиони евра“, вели Душко Тодевски – стечаен управник на Еуростандард банка.
По информациите кои се појавија вчера дека на големото македонско спортско име му отидоа седум милиони евра влог во Еуростандард банка, која инаку отиде во стечај, прва асоцијација на поратлот „Експрес“ беше дека тоа е токму Дарко Панчев, на што тој даде демант:
„Најмногу ми е жал за оние мали луѓе кои ја хранеа својата празна душа со вакви дезинформации за на крај да бидат разочарани заради оваа невистина. Јас седум милиони евра во банка немам и не знам на кого му паѓаат вакви идеи и која е целта за вакви шпекулации. Исто така сочувствувам со сите оние оштетени граѓани кои настрадаа, со надеж дека нашите институции ќе најдат начин да им помогнат на овие луѓе“, вели Панчев, ексклузивно за порталот Спорт1.