Ви требаат само три состојки, а јадењето може да го понесете и на работа. Ако сте горди на себе поради тоа што појадувате секое утро, размислете повторно, особено ако одбирате печиво како прв оброк.
Доктор Моника Тејо од Универзитетот Харвард вели дека тоа е исто како да сте изеле десерт за појадок. Ако на „десертот“ му додадете печена сланина и купечки сок од портокал со многу шеќер, правите огромна грешка.
Па, како изгледа идеалниот појадок?
Докторката истакнува дека печивата, палачинките и мафините не се идеалниот појадок, бидејќи содржат преработени јаглени хидрати и шеќери. Наместо тоа, за појадок би требало да бирате оброци богати со влакна, протеини и здрави маснотии за да се чувствувате задоволно и да го одржувате нивото на шеќер во крвта стабилно. Таа објаснила и како изгледа нејзиниот совршен појадок од само три состојки, кој може да го понесете со себе на работа.
1. Овошје
Овошјето е задолжителен дел од појадокот на докторката Тејо и обично подготвува околу три шолји овошје. Таа е голем љубител на замрзнатото овошје, бидејќи не е толку скапо, а достапно е во текот на цела година.
„Овошјето е прекрасно. Богато е со витамини и антиоксиданси“, вели Тејо.
2. Јогурт
Јогуртот е одличен извор на протеини и пробиотици. Одберете обичен јогурт со помалку шеќер и помешајте го со подготвеното овошје. Докторката ги одбегнува варијантите на јогурт без маснотии, бидејќи маснотиите во умерени количини се добри за нас.
3. Јаткасти плодови
Земете шака од омилените јаткасти плодови или семиња или нивна мешавина. Доктор Тејо бира бадеми или индиски ореви.
„Јаткастите плодови се богати со здрави маснотии и влакна и ни даваат енергија“, открива таа.
Сепак, докторката не се согласува дека појадокот е најважниот оброк во денот.
„Многу луѓе едноставно не чувствуваат глад штом се разбудат и тоа е во ред. На здравите луѓе телото им кажува кога му треба ‘гориво’. Кога ќе земете ‘гориво’, тоа мора да биде здраво, особено ако се работи за прв оброк во денот, без разлика кога го јадете“, заклучува докторката.