Над 100 семејства од една скопска населба ќе добијат до 10 000 долари за го сменат начинот на греење во домовите

|

Како што известува порталот „sdk.mk“ над 100 семејства од скопската населба Лисиче ќе добијат до 10.000 долари за го сменат начинот на греење во домовите. Станува збор за проект за намалување на загадувањето во Скопје, подготвен од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) заедно со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.


Тие објавија повик за избор на домаќинства од населбата Лисиче кои ќе бидат поддржани со грант во висина до 10.000 американски долари. Со парите од грантот семејствата ќе треба да воведат мерки за зголемување на енергетска ефикасност на своите домови. На овој се планира да се придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот.

Ќе се вршат замена на грејните тела со современи и еколошки, замена на прозорци, поставување на изолација на објектите, употреба на сончеви колектори и останати енергетско ефикасни подобрувања на објектите во кои живеат согласно предлозите на енегетските контролори.
Средствата се обезбедени од страна на Владата на Шведска преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“.

Мерењата на загаденоста на воздухот во Скопје покажале населбата Лисиче е меѓу најкритичните во Скопската котлина, па затоа овој проект ќе реализира токму таму.

„Можност да се јават на повикот имаат сите физички лица со постојано место на живеење во населбата Лисиче или во нејзина непосредна близина, кои поседуваат индивидуален објект за домување – куќа или дел од куќа, за кој постои доказ дека е во сопственост на апликантот. Проектот поддржува спроведување на енергетско-ефикасни мерки во најмалку 100 домаќинства. Изборот на домаќинствата ќе се направи според веќе дефинирани критериуми.“ – се вели во повикот објавен од УНДП, Град Скопје и Министерството за животна средина.

Главен предуслов за обезбедување на поддршката е домаќинствата да бидат подготвени да кофинансираат дел од предвидените интервенции. Исклучок од ова правило се домаќинства кои користат социјална помош и семејствата со низок доход, односно кои во 2019 оствариле приод до 180.000 денари. Финансискиот удел на домаќинствата за кофинансирање на предвидените мерки за енергетска ефикасност ќе зависи од висината на месечниот и годишниот доход на сите членови на домаќинството во 2019.
Поддршката обезбедена преку проектот ќе биде во вид на материјали и опрема, а не како директни финансиски трансфери на избраните домаќинства.


Пријавите испратени по пошта треба да пристигнат во канцелариите на УНДП најдоцна до 15 септември 2020.