Стоилов: Со гордост го носев дресот на Македонија

|

Пикерот Стојанче Стоилов синоќа го одигра последниот натпревар во репрезентативниот дрес. Тој по големата победа над Чешка и обезбедениот пласман на Мундијалот следната година, ја соопшти одлуката дека се повлекува од репрезентацијата, оставајќи простор на помладите.

– Сакам да најавам крај на репрезентативната кариера. Ми беше чест и задоволство 15 години да бидам тука, со гордост го носев овој дрес. Има многу играчи што треба да се набројат. Ќе почнам со Кире, ти благодарам за се што направивме и не направиме. Тука е и Жути (Миркуловски) кој го остави здравјето настапувајќи за репрезентацијата. Оваа моја одлука е поради тоа што веќе чувствувам дека телото не ги издржува овие напори. Фала на цела македонска јавност, ми беше чест да играм за Македонија, изјави Стоилов.

Одлуката за репрезентативна пензија на Стоилов, предизвика многу емоции кај селекторот Кире Лазаров кој не успеа да ги задржи солзите на заедничката прес-конференција.

– Според мене Столе ни е потребен. Меѓутоа, ја почитувам неговата одлука. Нема да биде лесно без него и без Миркуловски. Капа доле, рече Лазаров.

Македонската репрезентација синоќа во СЦ „Борис Трајковски“ ја победи Чешка со 27:25 и избори учество на Светското првенство 2023 година во Полска и Шведска.