Тафталиџе 1 ќе добие нов Водовод и фекална мрежа

ИЗВОРНов Лист
|

Изведбата на фекална и водоводна мрежа на улицата Варшавска во Тафталиџе 1, од кружниот тек на улицата Париска кон улицата Лондонска, е во завршна фаза. Со надградба на инфраструктурата се обезбедува приклучок на постојните и новоизградените објекти на новата водоводна и фекална мрежа. Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ работат на враќање на теренот во првобитната состојба. Имено, средишниот дел од улицата е веќе асфалтиран и останува уште страничниот дел. Овој дел наскоро треба да се асфалтира, откако сите домаќинства ќе се приклучат на водоводната мрежа.


На теренски увид неодамна беа градоначалникот Стефан Богоев и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски.

Непланска и агресивна урбанизација изминативе години го погоди овој потег. Беа изградени повеќе објекти, кои придонесоа и за нови комунални проблеми. Локалната самоуправа прави напор да се санира штетата и да се обезбеди колку што е можно подобро живеење и во овие населби.

Градоначалникот Стефан Богоев потсети дека минатата година, општината и ова јавно претпријатие го реконструираа и другиот дел од Варшавска. Таму се асфалтира коловозот, а беше поставена и нова водоводна и фекална мрежа. Весковски кажа дека со оваа инвестиција се обезбедува подобро водоснабдување и канализациска мрежа за вкупно 77 домаќинства. Инвестицијата е во вредност од околу 20 милиони денари.