Македонија не ја мина првата фаза на едно големо натпреварување по цели 20 години од СП во Египет 1999 година. Филип Талески ова го смета за неуспех.
„По подолго време Македонија не ја минува првата фаза на едно големо натпреварување. Тоа мислам дека е еден чекор назад за нас и има за што да жалиме“, вели Талески за 24Ракомет ТВ.
Целосната изјавата на левиот бек на нашата репрезентација може да ја погледнете во видео прилогот:
Голманот на ракометната репрезентација на Македонија, Борко Ристовски, пак по поразот од Исланд вечерва (24-22) изјави дека ракометарите дале сѐ од себе на овој натпревар, но дека треба да се признае дека противникот е поквалитетен и на крајот заслужено оствари победа.
Тој изјави дека треба да помине денешниот ден и со мирна глава да се направи анализа за претставувањето на ова Светско првенство.
– Се боревме, не се откажавме икога водевме, не престанавме да притискаме и кога губевме, не престанавме да се бориме и да даваме максимум. Меѓутоа треба да прифатиме дека Исланд е поквалитетен од нас и тоа не е страшно да се признае. Тие имаа и малку повеќе среќа, но на крајот заслужено победија, изјави Ристовски по мечот, додавајќи дека е премногу рано да се зборува за конечниот пласман на репрезентацијата.
Македонија утре ќе одмара, а веќе во сабота игра со Русија од 13 часот во дуел од „Президент купот“, во кој ќе се разигрува за пласман од 13. до 16. место.
Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров е свесен за пропуштената можност на Светското првенство и повика на поддршка за младите играчи кои се иднината на македонскиот ракомет.
– Уште пред почетокот на првенството кажав дека пласман во втора фаза со вака подмладена репрезентација ќе биде еднаков на светско чудо. Овде дојдовме со детска градинка, но сепак имам само пофални зборови за младите, кои допрва треба да се пробијат во репрезентацијата. Овие млади играчи се наш голем потенцијал. И јас сум бил млад и на почетокот од кариерата сум имал многу промашени натпревари кои ми донеле големо искуство. Токму ваквите натпревари многу значат за овие млади момци во собирањето на искуство кое многу ќе им значи во иднина. Затоа мора да им дадеме поддршка, бидејќи иднината е пред нив – истакна Лазаров.
Тој се осврна и на неисполнетите амбиции на Мундијалот.
– Факт е дека не успеавме во реализацијата на нашите амбиции, но ова невлегување меѓу најдобрите 12 селекции на СП не треба да не демотивира, туку напротив, да не охрабри сите да веруваме во генерацијата што доаѓа. Треба да ги засукаме ракавите и уште повеќе да се работи. Не треба сега да се предадеме и се што градевме досега да го фрлиме во вода. Исто така, факт е дека потајно посакувавме олимписки квалификации, но знаевме дека ова ќе биде тешко остварливо. Блиску сме до
пласман на Европското првенство што ќе се игра во 2020 година и преку тие натпрвари ќе имаме уште една шанса за пласман во квалификациите на ЛОИ. Токму затоа не треба да се откажуваме. Грешките кои ги направивме ќе се потрудиме да ги поправиме. Одиме понатаму со крената глава. Морам да кажам дека многу ни недостасуваа искусните играчи од последното ЕП, пред се Филип Миркуловски, Никола Маркоски, Мартин Велковски, Ацо Јоноски, Гоце Ојлески… Во спортот
има и победи и порази и затоа мора стоечки да се носиме со овој пораз и да продолжиме цврсто и борбено во следните два меча во Келн, па со победи да се збогуваме од ова СП – додаде капитенот.