Треба да почне постапката за рестартирање на ТЕЦ Неготино за производство на  електрична енергија

ИЗВОРТелма
|

Владата даде согласност за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, со што оваа Термоелектрана ќе започне со производство на електрична енергија во декември, откако ќе се направи проверка и тестирање на опремата.

Набавката на мазут ќе се спроведе откако ЕСМ ќе ја добие одлуката на Владата, велат за Телам од Државните електрани. ТЕЦ Неготино се  рестартира по 12 годишна пауза, во време на енергетска криза и недостиг на електрична енергија во земјава.

ЕСМ ја очекува одлуката на Владата која на синоќешната седница даде согласност за набавка на мазут, по што треба да почне  постапката за рестартирање на ТЕЦ Неготино за производство на  електрична енергија. Од ЕСМ не очекуваат  одолговлекување при набавката, со оглед на тоа што велат законски, овој енергенс  не подлежи на тендерирање.

Потоа  следи период на тестирање на Термоелктраната, а се најавува дека со производство ќе започне од следниот месец за да се надополни дефицитот на електрична енергија во услови на енергетска криза.

ТЕЦ Неготино има капацитет од 180 мегавати или речиси колку еден  блок во РЕК Битола, а Државните електрани ќе ја преземат целокупната произведена електрична енергија.

„Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, АД „ЕСМ“ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД „МЕПСО“, додека вишокот електрична енергија, ЕСМ Продажба преку Стопанската комора ќе ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата”, се наведува во соопштението од Влада.

Државната термоелектрана „Неготино“, прекина со работа во 2009 година, служеше како ладна резерва, а сега се рестартира во исклучително сложена состојба во енергетскиот сектор, во време на енергетска криза кога електричната енергија на светските берзи достигнува рекордна цена, а во моментот изнесува 283 евра за мегават час. Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино ќе биде со пониска цена, велат од Владата

„Со сегашната регулирана цена на мазутот од 36 ден/кг, производната цена на ТЕЦ Неготино доколку работи со еден котел ќе изнесува околу 175 eвра/мегават-час, додека ако работи со два котла ќе изнесува околу 150 eвра/мегават-час“, информираат од Влада.

Термоелектраната,  планирано е да работи од декември до април следната година, но доколку има потреба и подолго. За испорака на мазутот „Железници инфраструктура“ ја  подготви и оспособи пругата која води директно до ТЕЦ Неготино.

Емилија Мисирлиевска