Го затвораме мини серијалот посветен на тројната сила на ненадминливите гласови на Никола Бадев, Кирил Манчевски и Александар Сариевски. Слични по повеќе карактеристики, пред сè волшебните гласови и фантастичните интерпретации, а сепак сите на свој начин уникатни, неспоредливи и незаменливи.
Во овие кратки но искрени прилози се обидовме барем да ги споменеме незаборавните грла на македонскиот машки вокален фолклор, чија моќ не само што не згаснува, туку како сè посилно да се зацврстува во нашето културно ткиво. По Бадев и Манчевски, стасавме до Александар Сариевски.
Роден е во Галичник на 20-ти јуни 1922-ра, за средното училиште да го заврши во Скопје. Како и двајцата други херои во овој скромен потсетник на нивната важност, и Сариевски кариерата ја започнува непосредно по Втората светска војна. Во Радио Скопје прва ја снима „А бре невесто око калешо“, по што се вивнува неговата 60-годишна музичка приказна. Учествува во основањето на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ и е дел од речиси секоја македонска репрезентација на врвни музички артисти кои нè претставуваат по светот. „Проскитавме со песната“, ќе каже самиот Сариевски…
„Науморниот Чичко Аце“ како што го помнат неговите помлади соработници, ги премости океаните и само во САД настапи 15 пати, отпеа повеќе стотици негови оригинални и народни песни и до денес остана меѓу најпочитуваните пејачи во поширокиот регион.
Покрај работата во „Танец“, крунисана со триумфот на Меѓународниот фестивал во Ланголен, Велс, на почетокот на педесетите години на минатиот век, Сариевски има повеќе важни професионални ангажмани. Меѓу другите, тој е рецензент/продуцент за дискографската продукција на Радио телевизија Белград до 1984-та година, а бил и раководител на Оркестарот на народни инструменти во Радио Скопје.
По повеќето пресметки, Сариевски снимил над 400 изведби на песни за домашната продукција и регионални дискографски куќи. Несомнено дека првата асоцијација на Сариевски е „Зајди, зајди јасно Сонце“, чиј комплетен автор е самиот тој, но нималку посилни не се ни изведбите на „Дејгиди луди млади години“, „Ни прела гора ни ткала“, „Филизо моме“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Зајко Кокорајко“ и многу многу други вонвременски интерпретации.
„Јас мислам дека сум можел и повеќе. Меѓутоа, и од ова што го направив јас сум задоволен. Ќе бидам почестен ако другите кажат колку сум придонел со својата песна да му се оддолжам на својот народ, на неговата култура и историја,“ скромно ќе изјави Сариевски, кој во 2002-ра почина на 80-годишна возраст.
Продорниот и стабилен но исклучително пријатен глас е она што ја дефинира моќта на неговото грло, а прекрасниот репертоар само совршено се вклопува со фантастичните гласовни можности. Едно е сигурно, како и Бадев и Манчевски, и гласот на Сариевски вечно ќе ги радува срцата на љубителите на убавата песна.