Утре во Скопје фудбалската репрезентација на Македонија во последниот дуел од квалификациите за ЕП ќе ги одмери силите со Израел.
Но за следниот наш противник овој меч нема никакво значење и вниманието е „нула“ во споредба на друг натпревар и тоа пријателски на две странски селекции. Тоа е дуелот меѓу Аргентина и Уругвај.
По доаѓањето на „гаучосите“ предводени од Меси, повеќе од 500 навивачи буквално го опколија хотелот во Тел Авив каде што е сместена Аргентина.
Израелските медиуми доаѓањето на Лионел Меси во земјата го најавија како пристигнување на фудбалскиот бог во земјата на Ветениот. Полицијата и редарите успеаја да го задржат притисокот на толпата која се обидуваше да влезе во хотелот за одблиску да ги виде фудбалските ѕвезди.
Двете екипи ги чуваат стотици полицајци и безбедносни лица. На самиот натпревар за редот ќе се грижат 200 полицајци, вклучувајќи две единици на специјалните сили и над 450 редари.