Многумина се скептични за степенот до кој се користи статистиката во фудбалот, пред сѐ, поради непредвидливоста на овој спорт. Но тоа не ги спречува луѓето да се обидат да најдат начини како да ги предвидат исходите од натпреварите. Предводени од БТ спорт, некои од најголемите мозоци во спортската аналитика како „Опта“, „Гугл“ и „Сквока“ се обиделе да ја „напишат првата светска скрипта базирана врз вештачка интелигенција за тоа што ќе се случува идната сезона во Премиер-лигата“.
Моделот користи историски податоци од илјадници натпревари при процената на предностите и на слабите страни на секој тим, веројатниот исход на кој било натпревар, вклучувајќи ги стрелците на головите, па дури и асистентите, и на крајот резултатот, пренесува „Телеграф“. Во продолжение ќе претставиме што би можело да се случи во сезоната 2019/2020 според овој модел.
ТРКА ЗА ТИТУЛАТА: рака на срце не е потребен компјутер за да предвиди дека Манчестер сити и Ливерпул ќе бидат на првите две места во мај 2020 година. Потешко е да се предвиди кои тимови ќе завршат зад нив, и колкава ќе биде бодовната разлика. Моделот сугерира дека Манчестер сити ќе ја освои титулата трета сезона едноподруго, со 94 поени, со тоа што ќе загуби само два натпревара. Ливерпул целата сезона ќе ја помине меѓу првите три тима на табелата, со само неколку недели на врвот, трета сезона во низа ќе биде без пораз на домашен терен и ќе освои шест бода помалку од Сити.
ТРКА ЗА ПРВИТЕ ЧЕТИРИ МЕСТА: големите шест повторно ќе бидат на првите шест места, а втора сезона во низа, Арсенал и Манчестер јунајтед нема да се квалификуваат за Лигата на шампионите (ЛШ). Тие ќе имаат по еден бод помалку од четвртопласираниот Челси, кој на Божиќ ќе биде лидер, но потоа ќе има лоша серија резултати и ќе биде без победа на седум натпревари. Тотенхем од седмото коло, па до крајот на сезоната, ќе биде меѓу четирите најдобри тима, а на крајот ќе го престигне Челси и ќе заврши на третото место. Тоа ќе биде четврта сезона во низа во која Тотенхем ќе биде подобропласиран од Арсенал, првпат по 1994/95 година.
ОПСТАНОК: Астон Вила е единствената новопромовирана екипа што ќе остане во Лигата, на 15-то место, за разлика од Шефилд јунајтед и од Норич, кој ќе стане тим што испаѓал најмногу во историјата на Премиер-лигата, по деветти пат од 1992 година. Њукасл е третиот тим што ќе се пресели во понизок ранг, во Чемпионшип, ќе заврши на 18-то место поради полошата гол-разлика од Барнли. Њукасл, чија одбрана ќе прими дури 70 гола, ќе заврши зад Барнли, кој ќе постигне само 31 погодок цела сезона.
ЕВРОПСКИ КУПОВИ: по доминацијата во Европа минатата сезона, англиските тимови ќе доживеат вистински дебакл во ЛШ, па ниту една екипа нема да ја помине четвртфиналната рунда. Реал Мадрид ќе го елиминира Сити во осминафиналето, потоа и Челси во четврт-финалето и со Зинедин Зидан на клупата ќе освои уште една титула. Барселона ќе му се одмазди на Ливерпул во истата, четвртфинална рунда, а Тотенхем нема да ја помине ниту групната фаза. Друга е приказната за во Лига Европа (ЛЕ). Тотенхем ќе ги победи Вулверхемптон, Наполи и Лајпциг на патот до финалето против Манчестер јунајтед, кој ќе ги елиминира Арсенал, Порто и Севилја. Во второто последователно сеанглиско финале во ЛЕ, Тотенхем ќе го совлада Јунајтед.
ПОЕДИНЦИ: Хари Кејн му е најсериозниот конкурент на Мохамед Салах во трката за „златната копачка“, за најдобриот стрелец. Салах ќе ја поведе трката од почетокот до крајот и сезоната ќе ја заврши со 29 гола, пет повеќе од Кејн. Пјер-Емерик Обамејанг и Серхио Агуеро ќе постигнат по 23 гола. Рахим Стерлинг ќе биде првиот играч со дабл-дабл ефект, голови и асистенции, во три последователни сезони, со дури 13 асистенции. Дуото на Арсенал, Алекс Ивоби и Месут Озил, како и бекот на Ливерпул, Трент Александар-Арнолд ќе го поделат второто место, со по 11 асистенции.
Не може сѐ да се предвиди
Нема ништо шокантно во ова научно предвидување. Но дали и колку некој би бил изненаден доколку сезоната во Премиер-лигата се одвива токму како што сугерираат „најголемите мозоци на спортските податоци“? Со години коментаторите тврдат дека „едноставно не можете да напишете“ сѐ што се случува на фудбалски терени. Можеби тоа ќе почне да се менува. Можеби промените во играта, како ВАР, зимската пауза првпат и малите измени на правилата ќе продолжат да го одржуваат фудбалот и понатаму во целост непредвидлив. Во мај 2020-та ќе има одговори на сите дилеми и прашања.