Владика Петар: Пари ли се 50 денари? Поскапувањето на црковните услуги е за да им се помогне на поповите

|

АКО ИМА ВЕНЧАВКА ВО ХРАМОТ, ТОГАШ МОРА ДА БИДАТ ВКЛУЧЕНИ СИТЕ ПОЛИЕЛЕИ. А ЗНАЕТЕ КОЛКУ Е СКАПА СТРУЈАТА? А КАКО ДА ГИ ПЛАТИМЕ СМЕТКИТЕ АКО ВЕРНИЦИТЕ НЕ ГИ ПЛАЌААТ ЦРКОВНИТЕ УСЛУГИ? ЦРКВАТА ЖИВЕЕ ОД ВЕРНИЦИТЕ, А НЕ ОД НЕШТО ДРУГО, ИЗЈАВИ ЗА ПЛУСИНФО МИТРОПОЛИТОТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ Г. ПЕТАР.

Во сите епархии на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) направено е минимално поскапување на црковните услуги, но медиумската пропаганда беше најсилна во прилепскиот и во битолскиот крај затоа што некои други владици кои редовно црпат пари од прилепските и од битолските верници сакаа да извршат контра-удар. Цените на црковните услуги се покачени за 50 денари. А 50 денари пари ли се?

Ова во разговор за Плусинфо го истакна митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, откако дел од медиумите го објавија новиот таксеник на Преспанско-пелагониската епархија, според кој најскапи се венчавките и погребите.

Според најновиот ценовник на МПЦ-ОА, венчавка црквата наплаќа 7.700 денари, а погреб чини од 3.000 до 5.000 денари, во зависност дали е со еден или со тројца свештеници. Крштевката е 3.800 денари, а цените на другите црковни треби како парастоси, задушница, водосвет се од 200 до 2.000 денари, објави Телма.