Во Шведска речиси и да не се користи кеш – дури и џепарлакот на децата им го уплатуваат на картичка

|

Во Шведска – металните монети и книжните банкноти веќе долго време не се омилено платежно средство. Кризата дополнително само го засили трендот на безготовинско плаќање како омилен начин на вршење на трансакција од страна на граѓаните во Шведска.

Поради ова Народната банка на Шведска издаде предупредување до граѓаните, бидејќи оттаму стравуваат дека кеш-парите физички би можеле целосно да исчезнат.

Дури и родителите, во Шведска, не им го даваат на своите деца во готово нивниот џепарлак. Туку и во тие случаи се користи уплата преку користење на електронско банкарство, најчесто од мобилните телефони, пишува германскиот неделник „Фокус“. Според овој весник само 16 проценти од децата добиле џепарлак во готово, а 84 проценти имаат дигитални штедни книшки.

Актуелната криза ја зголеми аверзијата на Швеѓаните кон готовината и интересно е што повеќето плаќања се вршат без контакт, преку NFC-чип на картичката или преку мобилен телефон.

Гувернерот на Шведската народна банка, Штефан Ингвес верува дека младите, бидејќи повеќе не користат готовина, нема да знаат ништо за изгледот на банкнотите. Покрај тоа, постојат и други ризици бидејќи сајбер-нападите може да оневозможат безготовинско плаќање и на тој начин да предизвикаат големи проблеми во општеството. Тој побара од владата да донесе закон што ќе ги обврзе банките во земјата секогаш да имаат одредени количини кеш-пари во своите трезори поради непредвидени ситуации.