Враќањето на легендата: Пристигна новиот Land Rover Defender

|

Целосно новиот Defender го менува класичниот модел кој престана да се произведува пред три години.

Стариот Defender замина во историјата во 2016-та година кога после речиси седум децении беше ставен крај на сериското производство на џипот кој од самите почетоци беше препознатлив по „коцкестиот“ изглед, со повремени рестилизации на каросеријата.

Land Rover пред неколку години одлучи да го прекине производствто на класичниот Defender и да им понуди на купувачите значително модернизирана верзија која и натаму ќе има одлични теренски карактеристики типични за претходниците.

Целосно новиот модел има „коцкеста“ силуета со одредени стилски елементи инспирирани од оригиналниот модел. Сепак, Land Rover ги ублажи острите линии, што посебно е воочливо кога возилото се гледа од предната страна.

На почетокот на купувачите ќе им бидат понудени два „дизелаши“, потоа еден 4-цилиндарски бензинец, како и бензинец со 6 цилиндри и „благ“ хибриден погон. Land Rover до 2020-та година планира на пазарот да претстави и plug-in хибриден Defender.

Основниот дизел мотор е 2.0 SD4 со 200 коњски сили, а ќе биде достапна верзија и со 240 коњски сили. Основната бензинска верзија е 2.0 Si4 со 300 коњски сили, а во врвот на понудата ќе биде 6-цилиндарскиот 3.0 i6 со хибриден погон кој ќе произведува 400 коњски сили.

Аголот на нагорнина кој Defender може да го совлада е 38 сепени, додека обратниот е 40 степени. Од Land Rover велат дека новиот модел е во состојба да помине низ водена препрека со длабочина од 90 сантиметри.

Внатрешноста и натаму е прилично конзервативно дизајнирана со едноставни правоаголни геометриски облици и прави линии, но обилува со луксузни, современи технолошки содржини, вклучувајќи го 10-инчниот екран.

Новиот Land Rover Defender ќе дебитира на Саемот за автомобили во Франкфурт кој за посетителите е отворен од денес, 10-ти септември. Посетителите ќе можат да го видат од четврток, 12-ти септември.