Балканската ракометна легенда, Веселин Вујовиќ иако не е присутен со својата Словенија на мундијалот во Германија и Данска тој често деновите е во центарот на вниманието на јавноста, а причината за тоа се неговите стручни анализи, коментари, колумни за случувањата на Светското првенство.
Вујо како и секогаш е јасен, директен, односно говори без влакна на јазикот, па така во своето последно излагање во кое даде свое видување за третата рунда на шампионатот говореше за дуелот меѓу Хрватска и Македонија со тоа што главните негови замерки беа на адреса на нашиот селектор Раул Гонзалес.
–Од балканското дерби малку видовме. Хрватска се покажа како сериозна репрезентација. Веќе 5-6 пати ги победуваат Македонците на големите натпреварувања. На Македонците се им фалеше, се стопија. Раул како да не е овде. Ама тој секогаш делува опуштено на клупата на репрезентацијата и ПСЖ, мене таков однос не ми одговара, без разлика каков е стручњак. Ми се чини дека едвај чека ова да заврши и да и се посвети на својата работа во Париз, како да Македонија му е онака попатно… Хрватска одигра многу добро, го имаа расположенениот Шего, одличниот Дувњак кој ги држеше сите конци во играта, расположени бекови, играа добро во одбраната. Во тоа многу им помогнаа и Македонците со својата тактика со двајца пикери со која ја враќаа назад цврстата, висока и бавна одбрана на Хрватска. Ја завршија работата, ги чека Шпанија за прво место во групата. Со нетрпение ја чекам таа средба, -истакна Вујо во својата колумна за „Балкан Хендбол“.
Инаку, пред вчерашниот натпревар помеѓу Македонија и Хрватска селекторот Раул Гонзалес изјави дека верува дека можеме да се носиме со хрватите. Тој влеваше надеж дека имаме шанси за добар пласман.
„Знаете се за Хрватска, тоа е репрезентација што ги има најдобрите ракометари во светот и што сигурно ќе се бори за медал на овој шампионат. Ние ги почитуваме, но сигурно ќе бараме своја шанса. Според мене, за да можеме да се носиме со Хрватска ќе треба да играме напад како против Јапонија и одбрана како против Бахреин. Тоа е она кон што ќе се стремиме на денешниот натпревар“, вака гласеше изјавата на предводникот на нашиот најдобар национален тим, кој исто така кажа дека нема да менува ништо во составот ниту за оваа средба.
Хрватите за нас ќе останат како селекција со која немаме позитивни спомени од големите натпревари. Досега секогаш сме губеле и на првенства и во квалификации со исклучок само на еден меч. На 30 октомври 1997 година Македонија го победи актуелниот олимписки шампион Хрватска, далеку посилен и со многу звучни имиња.
ДОСЕГАШНИ ПРЕСМЕТКИ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ХРВАТСКА НА ЕП И СП
01.06.1998 (ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО)
МАКЕДОНИЈА – ХРВАТСКА 21:28
21.01.2015 (СВЕТСКО ПРВЕНСТВО)
МАКЕДОНИЈА – ХРВАТСКА 26:29
21.01.2016 (ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО)
МАКЕДОНИЈА – ХРВАТСКА 24:34