За 87 евра можете да ги гледате првите три натпревари на Македонија на ЕП

ИЗВОРСкопје24
|

Натпреварите од групата во која се најде македонската репрезентација на Европското првенство во ракомет ќе се играат во арената “Виенер Штадхале“, која има капацитет од 12.000 места и која нуди влезници по прифатливи цени и за нашите навивачи.

Организаторот веднаш ги објави цените на влезниците. Еднодневен билет чини од 29 евра за две средби (дневна), додека во втората рунда цените ќе бидат 39 евра. Тоа значи дека сите шест натпревари во групата од кои три на македонската репрезентација може да се гледаат за вкупна цена од 87 евра.

Со оглед на близината на Виена, но и фактот што во австриската престолнина и околината има многу Македонци, гарантира дека можеме да се надеваме на масовна поддршка за нашата репрезентација.

Македонија во Групата Б на Европското ракометно првенство

Македонија ќе игра во Групата Б во Виена, заедно со репрезентациите на Чешка, Австрија и Украина, на претстојното Европско ракометно првенство за мажи.

Ова е исходот од извлекувањето на групите за првенството во сениорска машка конкуренција, што во јануари 2020 година ќе се игра во Шведска, Австрија и Норвешка.

Во групата А која натпреварите ќе ги игра во австрискиот град Грац се наоѓаат репрезентациите на Хрватска, Белорусија, Црна Гора и Србија.

Во Трондхејм ќе играат репрезентациите од Групата Ц – Шпанија, Германија, Летонија и Холандија, а во истиот норвешки град силите ќе ги одмерат и репрезентациите од групата Д – Франција, Норвешка, Португалија и Босна и Херцеговина.

Во Малме ќе се играат дуелите меѓу ракометарите од групата Е, поточно Данска, Унгарија, Исланд и Русија, а во вториот шведски град Гетеборг силите ќе ги одмерат репрезентациите од Групата Ф – Шведска, Словенија, Швајцарија и Полска.

Според системот на натпреварување, на следното Првенство ќе се играат шест групи со по четири репрезентации, од кои двете најдобро пласирани селекции, продолжуваат во втората фаза.