Од Porsche нагласуваат дека во секој аспект, од забрзување, забавување, влегување и излегување од кривина, чувството е секогаш како да сте во спортски автомобил.
Конечно! После четири години од претставувањето на концептниот модел Mission E, Porsche официјално го претстави својот прв електричен автомобил – Taycan. Според зборовите на извршниот директор на компанијата за Северна Америка, Клаус Зелмер, Taycan е најамбициозниот и најнапреден Porsche кој компанијата го произвела досега.
Од Porsche не сакаа да експериментираат со дизајнот и на прв поглед, веднаш станува јасно дека тоа е автомобил на популарната германска компанија кој ќе импресионира со својот изглед и перформанси.
Моделите Taycan Turbo и Taycan Turbo S, кои ќе се продаваат по цена од 150, односно 185 илјади долари би требало да се појават наскоро во продажба, а доколку цената ви е превисока, добра вест е тоа што Porsche за идната година планира да претстави и поевтин модел.
Галерија: Porsche Taycan
Што се однесува до перформансите, Taycan е брутален. Од 0 до 100 километри на час забрзува за 2,8 секунди, а максималната брзина изнесува 260 километри на час. За силата се задолжени два електромотори кои произведуваат 616 коњски сили, но во “launch control” силата се зголемува на 670 коњски сили, односно 750 коњски сили за моделот Turbo S.
Во германската компанија посебно внимание имаат посветено и на батеријата која со своите 93,4 kWh, по WLTP стандардот би требало да издржи 450 километри возење со едно полнење. На брзите полначи батеријата од 5 до 80% може да се наполни за само 23 минути.
Чистокрвен „спортист“
Во внатрешноста на Taycan доминираат екраните чувствителни на допир. Тие кои што ќе порачаат Taycan со полна опрема ќе добијат пет екрани, од кои еден му е достапен на совозачот, а еден на патниците на задните седишта.
Зелмер посебно ја нагласи спортската душа на нивниот прв целосно електричен автомобил. Во секој аспект, од забрзување, забавување, влегување и излегување од кривина, чувството е секогаш како да сте во спортски автомобил и според директорот на Porsche, токму тоа е разликата помеѓу Taycan и останатите електрични автомобили.
Taycan го означува почетокот на целосно новата ера за Porsche, а се чини дека и љубителите на оваа компанија се прилично возбудени, затоа што, како што открија од германската компанија, околу 20 илјади луѓе покажале интерес за купување на Taycan, од кои 50% од нив досега никогаш не поседувале автомобил на Porsche.