Сали не бил контактиран од Обвинителството и од МВР за случувањата на Онкологија, за случајот дознал од медиумите

|

Поранешниот министер за здравство, Беким Сали вели дека не бил контактиран ниту од Обвинителството ниту од Министерството за внатрешни работи околу случувањата во Клиниката за онкологија и оти за случајот дознал преку медиумите. Тој ова го кажа за време на денешната седница на Анкетната комисија за случувањата во Клиниката за онкологија во одговор на прашање поставено од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Сали исто така истакна дека не бил информиран дека Клиниката за онкологија располага со Като системот за автоматизирана подготовка на цитостатици, со што се оневозможува манипулации со цитостатиците.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Коцевски рече дека ги загубил двајцата родители од карцином, дека имало неред на Клиниката за онкологија, долги чекања на пациентите до вечерните часови. Наведе дека е зачуден од неинформираноста на Сали околу постоењето на Като системот во клиниката, за коешто министерот рече дека за одговорни ги смета менаџерите на клиниката.

-Примете сочувство за смртта на вашите родители, сите ние имаме барем еден близок со мака кој се обратил на Онкологија. Но, не сум можел да знам се што се случува во сите болници. Министерството за здравство управува со 116 институции и не сум знаел за постоење на ваков систем на клиниката и тоа го сметам како одговорност на менаџерите на клиниката. Зошто тој систем е отстранет од употреба не сум имал дојава ниту информација од Онкологија, нагласи поранешниот министер за здравство.

Коцевски, пак, забалежа дека „со ова се потврдува дека некој го криел Като системот, дека некој криел нешто од министерот, затоа што со Като системот се решава еден горлив проблем на Клиниката за онкологија“.

Сали во обраќањето поврзано со случувањата во Клиниката за онкологија за време на неговото раководење со МЗ, како една од мерките за работењето на клиниката истакна дека побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, поради, како што рече, неефективното менаџирање откако не изготвил извештај за работата на клиниката кој бил побаран од него, назначувањето на новата директорка Виолета Клисарова како в.д. директор на клиниката со којашто имал можност да соработува само кратко време поради неговата оставка од министерската позиција краток период потоа.

Прашања до поранешниот министер за здравство поставија и пратениците Мартин Костовски, Гордана Силјановска Давкова, Арбен Зибери, Јованка Василевска, Тони Јаревски, Александар Вељаноски, Даниела Марковска и други пратеници, кои се однесуваат на преземените мерки на МЗ додека Сали бил министер за здравство, а во однос на набавката на лековите, начинот на давање на терапиите, нивното обезбедување, надзорот на министерството во врска со случувањата во Клиниката за онкологија, комуникацијата на Министерството со Владата и кои биле преземените акции за време на неговото раководење со министерството.

По завршување на сослушувањето на поранешниот министер за здравство, Беким Сали, објавена е пауза на седницата на Анкетната комисија која ќе продолжи во 17 часот во собраниската сала Борис Трајковски каде што е најавено сослушување на актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.