Претседателот на САД на Твитер објави фотографија која ја направи американски шпионски сателит во Иран, а многумина тој потег го нарекоа неодговорен и непромислен.
Не се многу работи познати за американските воени сателити, резолуцијата и квалитетот на фотографиите кои можат да ги направат, но од минатиот викенд светот доби на увид некои од можностите на сателитите кои од вселената надгледуваат што се случува на Земјата.
Тие информации, за кои дел од експертите велат дека не смееле да бидат објавени, се појавија во јавноста благодарение на првиот човек на САД, Доналд Трамп.
Трамп на Твитер објави фотографија направена од американски шпионски сателит кој го фотографирал местото на кое Иран имаше неуспешен обид за лансирање на ракета и во објавата напиша дека Американците немале никаква врска со тоа што се случило. Од „Форбс“ тврдат дека ваквата објава на Трамп е потенцијален безбедносен ризик, затоа што врз темел на таа фотографија астрономите можат да дознаат за каков тип на сателит станува збор, за неговата оддалеченост од површината на Земјата и слично.
Астрономот Марко Лангброек така врз темел на аголот на фотографирање и времето кога е направена, напиша дека го открил сателитот од кој што е направена фотографијата (вели дека станува збор за сателитот “USA 224”), додека друг астроном ја пресметал неговата оддалеченост од местото на несреќата (повеќе од 380 километри).
Исто така, заклучиле дека тој сателит може да ги сними „најострите фотографии од Земјината површина“ и ја пофалија големата резолуција која открива бројни детали од местото кое што е стотина километри оддалечено од сателитот.
Претседателот на САД не откри детали за објектот кој што го снимил местото на несреќата, но експертите се согласуваат дека станува збор за доверлива фотографија која не смеело да се објави затоа што на неа се откриваат детали за методите и можностите на американските шпионски операции.
Според експертот за нуклеарна енергија Џошуа Полак, тој не може да се начуди на неодговорноста на првиот човек на САД кој смета дека неговиот потег би можел да има глобални последици. Секако на истиот начин не размислува Трамп кој на критичарите им порача дека имал право да ја објави таа фотографија.