Модно патување со „VOYAGE“ на Стефанија Насеска

|

Откако премиерно ја прикажа во рамки на дваесет и второто издание на Моден Викенд Скопје, познатата македонска дизајнерка ја пресели новата колекција на повеќе градски локации, претставувајќи ги креациите во сосема поинакво светло заедно со фотографот Сони Романов.

По успешниот камбек што го доживеа со „Саndy Love“, нејзината повратничка колекција после пауза од половина деценија, Стефанија Насеска уште еднаш потврди дека е бренд што ѝ недостасувал на нашата сцена изминатите години. Дизајнерката одново ги освои симпатиите на посетителите за време на неодамна одржаниот тридневен поп-ап шоурум „Свесна Мода“ во Јавна Соба, овојпат со креациите за есен и зима спакувани во нова колекција за двата пола со симболичен наслов „Voyage“.

„Секој од нас има свој животен пат и своја приказна за раскажување. Оваа колекција е мојата приказна за тоа кои сме ние, што имаме и што ќе им оставиме на генерациите по нас. Впрочем, и самиот назив не алудира на патување низ просторот, туку низ времето. Инспирацијата ми проникна од македонските народни носии. Позајмив специфични елементи и ги имплементирав во крајно модерни кроеви, обидувајќи се да направам спој на минатото и сегашноста, согледани од некое идно време. Ако имаме богатство коешто треба да го негуваме, тогаш токму ова е нашето. Должни сме да го пренесеме и на следните поколенија.“- објаснува дизајнерката.

 „Voyage“ е прва колекција на Стефанија Насеска која е комплетно одржлива, соодветствувајќи на темата на последниот 22. Моден Викенд Скопје, каде беше една од учесничките со уметничка инсталација во склоп на изложбено-продажниот салон. Парчињата се изработени од природни материјали кои не загадуваат при нивното производство, или, пак, од фабрички остатоци и рециклирани материјали, со што се придонесува кон нула загадување на животната средина. Освен од еколошка гледна точка, таа е значајна и од етички аспект, бидејќи е изготвена со целосна посветеност на дизајнерката, без експлоатација на работничкиот труд:

„Континуирано во текот на единаесетгодишната кариера внесувам новитети, а најгорда сум што од оваа сезона го воведов мојот бренд во полето на одржливата мода. Како општествено и еколошки освестен дизајнер, посветив максимално внимание за заштита на природата, без создавање на отпад и користејќи рециклирани материјали, односно фабрички остатоци и нивна реупотреба. Важен акцент ставам и на начинот на производство, така што безрезервно се почитуваат работничките права и нема експлоатација на нивниот труд. Брендот ја задржува својата уникатност и малите производствени количини.“

Патувањето на колекцијата „Voyage“ продолжува со нејзина дигитална промоција во медиумите и на социјалните мрежи. За реализација на едиторијалот снимен на повеќе впечатливи локации во градот, Стефанија Насеска за првпат оствари соработка со реномираниот моден фотограф Сони Романов. Главни протагонисти во приказната се моделите Елена Ристевска и Дарко Бошковски, тандемот што им даде живот на парчињата, а за чиишто изглед е заслужна визажистката Марија Лазарова од студиото за убавина Trend AS. Како уметнички директор и продуцент на целата кампања се потпишува Милан Атанасов, актуелен координатор за односи со јавност на МВСК.

„Среќна сум што од сезона во сезона соработувам со професионалци кои пред сè си ја сакаат работата исто колку и јас самата. Затоа и добриот резултат никогаш не изостанува. Секоја колекција што ја создавам има личен печат, но и носи посебен дух, поради што настојувам постојано да се окружувам со нови соработници, кои ќе ја доживеат на индивидуален начин, дополнувајќи ја со поразлична креативна енергија и естетска димензија од претходните. „Voyage“ веќе само не е моја колекција. Tаа е сега колекција на сите нас кои безрезервно се вложивме за нејзината визуелизација. Љубовта која се чувствуваше на сетот и вложеноста на целиот тим од самиот почеток ветуваше успех. И задоволство ми е да кажам дека имам пријатели како Елена, Марија, Милан, Дарко и Сони, кои се исклучително талентирани и посветени. Можеби ќе звучи клише, ама тврдам дека заедно сме посилни.“ – заклучува Стефанија Насеска.