Ураганот „Доријан“, најмоќниот ураган оваа година и еден од најмоќните во историјата на мерењето, деновиве ги опустоши Бахами.
Ураганот од петта категорија однесе најмалку 20 животи, а се стравува дека конечниот број на загинати ќе биде многу поголем кога спасувачките екипи ќе успеат да се пробијат под рушевините во најпогодените подрачја. Ураганот сега веќе пристигна во Флорида, а иако се очекуваше интензитетот да опадне на втора категорија, тој е „малку“ помоќен од тоа.
Сезоната на урагани е во ек, а Националната управа за океани и атмосфера веќе предупредува дека оваа година се забележани околу 45% повеќе „бурни“ активности. Тоа би можело да значи дека две од четири тропски бури би можеле да прераснат во урагани од трета категорија или повеќе.
Над Атлантикот во просек се формираат шест урагани по сезона, а три од нив ја надминуваат третата категорија. Сезоната на урагани го достигнува врвот во текот на август и септември, а завршува кон крајот на ноември.
Научниците не можат дефинитивно да потврдат дали „Доријан“ или сличните урагани се предизвикани од климатските промени, но јасно е дека глобалното затоплување ги прави ураганите многу поразорни од вообичаено.
Како се формираат ураганите?
Ураганите се најмоќните бури на планетата Земја. Тоа се во суштина тропски циклони кои брзо ротираат, а ги карактеризира низок притисок во средиштето, силен вртлог и спирален пренос на „наелектризираните“ облаци околу окото на бурата која носи големи количини на врнежи и силни ветрови.
Според силата се класифицираат различно, а најпозната е Сафир-Симпсоновата поделба на пет категории, при што ветровите од највисоката достигнуваат брзина поголема од 252 километри на час во непрекинато траење најмалку 10 минути.
Ураганите најчесто се формираат кон крајот на летото кога има разлика во температурите на воздухот во пониските слоеви од атмосферата, покрај топлата површина на морето и повеќето студени слоеви на атмосферата. Ураганите ги храни топлиот влажен воздух над загреаните води од океаните во екваторијалното подрачје. Топлиот воздух се подигнува од површината на океаните и доведува до низок притисок.
Зошто стануваат побавни и повлажни?
Ураганите ја користат топлата вода како гориво, а со оглед на тоа што климатските промени предизвикуваат пораст на температурите на воздухот и водата, ураганите стануваат повлажни, а со тоа и побавни.
Во текот на изминатите 70 години брзината на ураганите опаднала за 10%, а бавноста на ураганите значи дека одредени региони ќе бидат подолго изложени на силно невреме и ќе бидат предизивкани поплави. За работата да биде уште полоша, атмосферата задржува повеќе вода, па забавувањето од 10% може двојно да ја зголеми количината на врнежи.
Ураганите стануваат многу помоќни
Како што температурите ќе продолжат да растат, така ќе бидеме и сведоци на опасно зајакнување на ураганите. Порастот на температурата на површината на водата може за 20 километри на час да ги забрза ветровите.
„Со океаните кои стануваат потопли од глобалното затоплување, можеме да очекуваме дека и најмоќните урагани ќе станат уште помоќни“, изјави Џемјс Елзнер, експерт за атмосфера на Универзитетот на Флорида.