Менаџерот пот притисок го натерал да потпише: Емилијано, нема емоции, само бизнис, ќе се каеш ако не одиш во Премиер лигата

ИЗВОРСкопје24
|

Кардиф не беше избор на Емилијано Сала, тоа не е тајна. Но, на крајот Аргентинецот сепак седна во авионот и тргна кон Велс. За жал, не стигна до својата дестинација, откако авионот исчезна над Ламанш каналот.

Како што обично се случува, започнаа теориите за заговор, најразлични обвинувања, префрлање на вината… А сега и писмо кое само дополнително ќе го подгрее колективното чувство дека сето ова можело да се избегне, иако, за жал, ваквите работи едноставно се случуваат. Писмото е потпишано од менаџерот Вили Мекеј, а го објави „Л’Екип“. Адресирано е на Емилијано Сала. Датумот е 6. јануари.

„Емилијано, јас сум Вили Мекеј. Нас не не интересираат твоите лични работи: финансиите, одморите, сето тоа не не интересира. Ние правиме трансфери! Повеќе од 600 до денес, од Дидие Дрогба до Анелка, Паје, Сери, Ангуис…“, започнува Мекеј во своето обраќање кон Сала пред да се претстави како што треба и да открие што е идејата.

Идејата секако е Кардиф…

„Разговаравме со сите клубови, Манчестер, Челзи, Ливерпул. Мислиме дека ти би можел да завршиш во еден таков. Го контактиравме и Нант, како што често правиме со другите играчи во многу клубови, со цел да добиеме овластување за продажба. Менаџерите на некои играчи се многу среќни што можат да работат со нас, другите се љубоморни и заштитнички настроени. Класични приказни, како брат ми е, како син… А всушност, да не си фудбалер не би имал ништо со нив. Вистината е дека парите се единственото нешто што ги интересира“, вели Мекеј.

И не лаже, Искрен е и кога зборува за себе.

„Парите се она што не интересира сите нас. Затоа ние сакаме да работиме со клубовите. Нема емоции, само бизнис“.

Дури сега Кардиф доаѓа на ред…

„Што се однесува до твојот случај, баравме овластување од Нант (мислам дека беа заинтересирани да видат колку ти вредиш, бидејќи оваа и минатата сезона постигна толку голови, а не доби адекватни понуди) затоа што мислиме дека си навистина добар фудбалер, а ние само со такви работиме. Но, на некои клубови едноставно не им лежиш. Од различни причини – години, стил на игра, искуство во Лига 2, се само дел – добивме понуда само од штотуку промовираниот Кардиф чиј тренер (Нил Ворнок) се заљуби во тебе. Прво додека гледаше видео клипови, потоа и кога те гледаше во живо, во Рен, па против Марсеј во Нант со своите помошници, пред околу пет недели. Амбицијата на Ворнок е сите негови играчи да имаат само една задача: да ја испратат топката до тебе штом ја добијат. Тој те гледа како типичен напаѓач за Премиер лигата, како Дрогба или Алан Ширер. Ми рече дека би давал голови како во Нант, бидејќи во Кардиф сите би играле на твоите квалитети“.

Ворнок изразил желба да се запознаат. Нуделе авионски превоз до Кардиф или состанок во Нант, сеедно. Не им смета Сала да биде во било чие друштво, само сакаат да го запознаат со идејата да игра во Велс.

„Би ти плаќале околу 57.000 евра неделно, плус бонуси на основа на договорот во траење од четири или пет години. Кој и да се појави како твој застапник, а по англискиот закон може да биде и менаџерот и мајката, би можел за тоа да добие околу 1.140.000 евра. Тоа е клуб кој навистина те сака и верува во тебе. А ако некој поголем клуб дојде по тебе додека си во Кардиф тие нема да ти прават проблеми.

Според моето искуство, ако сега не се испробаш во Премиер лигата, ќе се каеш. Ми рекоа дека не си сакал во Кардиф, тоа е веројатно наша грешка, бидејќи по медиумите зборувавме дека те сакаат и други клубови (Вест Хем, Евертон, итн.) со цел да создадеме „хајп“ околу тебе. Така работиме, па играчите можеби погрешно разбираат, но без тоа поголемиот дел од луѓето не би знаеле кој си, бидејќи никој не ја следи Лига 1. Се надевам дека сега се е јасно. Ако ти се потребни уште некои објаснувања, не се двоуми“.

За жал, Мекеј навистина го убедил. Иако е сосема јасно дека тој не е виновен за тоа што му се случи на авионот и тоа никако не би требало да се доведува во врска едното со другото.