Конкурсот за новата книжевна награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, предизвика голем интерес кај домашните автори. До крајниот рок, 15 мај 2019 година, на официјалната е-адреса на „ПЕГАЗ“ пристигнаа 77 ракописи.
Во периодот што следува ракописите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија, во состав: Димитар Башевски (писател, издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).
– Позитивно сме изненадени од големиот интерес и бројот на испратени дела од домашните автори. Се надеваме дека меѓу нив ќе има квалитетни дела, кои ќе ја збогатат нашата книжевна сцена… Инаку, наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Ако и некој друг од ракописите биде позитивно оценет, може да понудиме објавување и на второ и треторангираните романи. Наградите ќе ги врачиме на посебна свеченост, а во план се и промоции на објавените романи низ повеќе градови во државата, со што ќе се овозможи и читателите од внатрешноста да се запознаат со квалитетната домашна литература – вели Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“.
„ПЕГАЗ“ е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Имајќи предвид дека годинава се навршуваат јубилејни 20 години од литературната манифестација „Роман на годината“, и влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, Фондацијата „Славко Јаневски“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ го почнаа овој заеднички проект за воспоставување на наградата за најдобар необјавен роман, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр.
– Романот како врвна книжевна форма е во фокусот на работата на нашата фондација. Впрочем, неслучајно го носи името на Славко Јаневски, авторот на првиот македонски роман „Село зад седум јасени“. Значи, нашиот интерес е зголемување на квантитетот на романсиерската продукција, а со тоа и зголемување на нејзиниот квалитет. Во таа смисла, некако логично се роди идејата за „ПЕГАЗ“, литературна награда за необјавен роман. Од друга страна, „Арс Ламина“ е издавач, чиј интерес е објавување на квалитетна македонска литература и пронаоѓање и ангажирање квалитетни автори. Соработката дојде некако природно, како резултат на амбициите на двете организации. Знаејќи ги потенцијалите на Фондацијата „Славко Јаневски“, но и на „Арс Ламина“, убеден сум дека „ПЕГАЗ“ ќе претставува една од меѓните награди на македонската книжевна сцена. „ПЕГАЗ“, како и „Романот на годината“ има за цел да го воспостави вистинскиот систем на вредности и на некој начин да го квантифицира квалитетот на македонската литература. Се надеваме дека „ПЕГАЗ“ ќе направи некое поместување токму во препознавањето и промовирањето на квалитетот. Идејата е да му се олесни изборот на потенцијалниот читател и да му се предочи вистинскиот квалитет, барем во една издавачка сезона – вели новинарот и автор Ѕвездан Георгиевски, од фондацијата „Славко Јаневски“.
Добитникот на наградата „ПЕГАЗ“ ќе биде објавен најдоцна во септември 2019 година.