На 18 јуни (вторник) во 20 часот во кино Фросина, МКЦ – Скопје, ќе биде прикажан првиот македонски мјузикл „Црно и бело“. Овој дипломски филм, како предизвик на филмското платно го постави Сандра Ѓорѓиева.
Музиката и танцот со сите проблеми и предизвици го сочинуваат животот црно – бел на главниот лик, Јована, која ја глуми актерката Јелена Јованова. Таа е млада, вредна жена вработена во туристичка агенција која ги исполнува барањата на сите, со цел да биде прифатена и признаена од соработниците. Но, покрај својата посветеност и напорна работа, таа е постојано непочитувана. Јована со нив води имагинарна војна преку музика и танц.
Сценариото, режијата и монтажата се на Сандра Ѓорѓиева, директор на фотографија е Дарко Елек, композитор Филип Стефановски (ФИС студио), музички текстописец Тамара Котевска, кореографијата е на Ирена Лозинска, а тонската обработка на Сашко Потер Мицевски.
Актерската екипа ја сочинуваат: Јелена Јованова, Јордан Симонов, Жаклина Петровска, Жарко Димовски, Дејан Лилиќ, Миа Трпезановска, Анџелина Симоновиќ, Благојчо Стојанов, Наталија
Теодосиева, Ангела Стојановска, Марко Илиќ, Дритон Вејсели, Стефан Петровски, Ангела Димитрова, Христијан Поп-Симонов, Васко Костовски, Кујтиме Ахмети, Дритон Незири, Никола Колев и децата од драмското студио на „5+“.
Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје, копродукција „Мунлајт“, со поддршка од Агенција за филм.
„Црно и бело“ е дипломски филм на Сандра Ѓорѓиева, студент на Катедрата за филмска и телевизиска монтажа, во класата на проф. м-р Лазар Секуловски и доц. м-р Владимир Павловски. Ѓорѓиева во улогата на режисер и монтажер е потпишана и за филмот „Зелени
ѕидови, црна храна“, кој влезе во официјалната селекција на Сараевскиот филмски фестивал во 2015 година. Таа е дел од екипата на телевизиските серии „Преспав“ и „5+ Фамилија“.