Новата програма од 21 точки, којашто ќе ја поедностави процедурата и ќе им олесни на данските компании да вработуваат работници со потекло од земјите надвор од ЕУ, претставен е само неколку дена откако коалиционите партнери во Германија договорија олеснување на вработувањето на странски работници во земјата на која и недостигаат околу 1 милион работници.
Данското министерство за труд соопшти дека недостигот на работна сила може да го загрози економскиот раст на земјата.
Клучот во целата програма на данската влада е прилагодување на т.н. “платежни шеми“ кои ќе им овозможат на компаниите да вработат лица кои доаѓаат од земјите надвор од ЕУ и ЕФТА (во која спаѓаат Швајцарија, Норвешка, Лихтенштајн и Исланд) ако исплаќаат плати во одреден износ.
Таа граница сега се симнува од 418.000 (56.054 евра) на 330.000 круни (44.253 евра). Пакетот мерки предвидува проширување на листата на позиции за кои се одобруваат работни дозволи, како и поедноставување и забрзување на процесот за аплицирање за работа од страна на државјани од земји вон ЕУ.
– Во овој момент, кога пазарот на трудот се соочува со огромен притисок, ние мора да обезбедиме квалификувана работна сила за компаниите. Во спротивност, може да дојдеме во ситуација компаниите да кажат НЕ на следните нарачки, што би довело до затворање на голем број работни места, – изјави Министерот за труд, Троелс Лунд Поулсен.
Само за потсетување, коалициските партнери во Германија минатиот вторник се согласија на компаниите да им биде дозволено да вработуваат странски работници од сите професии, без разлика на тоа дали се наоѓа на официјалната листа.
На дипломците и странските работници кои се стручно оспособени ќе им биде дозволено да дојдат во Германија на шест месеци и да бараат работа доколку го познаваат јазикот и исполнуваат одредени услови за конкретното работно место.
Со недостаток на работна сила се соочуваат голем број земји во Европа, не само во нејзиниот западен дел, туку и во Централна Европа каде што се бележат рекордни стапки на вработеност.
На пример, во Република Чешка во овој момент недостигаат околу 300.000 работници.