Претставата „Несоодветно за на работа“ премиерно ќе се изведе во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид на 27.7.2019 година, во сабота, со почеток во 21:00 часот во рамки на овогодинешниот фестивал „Охридско лето“.
Претставата е во режија на Доналд Ворен Мофет, а автор на истата е Луси Кирквуд, по кореографија на Кренаре Невзати и костимографија на Александар Ношпал.
Сценограф: Константин Трпеноски
Асистент на сцеографот: Зоран Петровски
Превод од англиски јазик: Благоја Бошковски
Во главните улоги ги гледаме: Зоран Љутков како Ејдан, Ирена Ристиќ како Миранда, Сања Арсовска како Шарлот, Игор Ангелов како Господин Бредшо, Дамјан Цветановски како Сем и Стефан Вујисиќ како Руперт.
Низ серија екстремно луцидни и, за жал, на повеќето од нас толку познати и блиски сцени од корпоративното, во случајов, медиумско секојдневие, во „Несоодветно за на работа“ Кирквуд ни дава јасна слика за симптомите на едно метастазирано општество прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело. Како и вообичаено, и самите жени често се покорни и/или амбициозни соучеснички во борбата чија единствена цел е победа врз послабите и профит по секоја цена и во која единствената сатисфакција произлегува од продолжувањето на патријархално-капиталистичкиот тренд на концентрација и задржување на (парите) моќта и искачувањето по корпоративната вертикала.
Неколкуте искри на бунт завршуваат вешто и подло загушени од центрите на моќ (прикажани преку бескрупулозните уредници/чки) во комбинација со економските околности (класната положба) на ликовите принудени да живуркаат во постојана (полу)прекарна состојба, па и по цена и на последните ронки човечко достоинство. Конечно, исклучена е речиси секоја надеж за некакво алтернативно постоење или ослободување од стегите на системот кој успева да ги измолзи постојните и целосно да се прилагоди на новите форми на „генерирање профит“ без да изгуби од суровоста.
Во свет на неизбежна и целосна комодификација кога веќе ни е јасно дека сите имаме „своја цена“, нѐ остава со дилемата дали е само илузија тоа што понекогаш наивно се тешиме дека „барем некои работи не се на продажба“.