Затворање на изложбата „Родови перцепции“ на Музејот на современата уметност – Скопје

ИЗВОРСкопје24
|

Во Музејот на современата уметност – Скопје вечерва, на 12 август, во 21.30 часот со проекција на отворено на филмот “Триесет души” на Дијана Туседо ќе се затвори меѓународната изложба „Родови перцепции“ која Музејот ја организира во соработка со Британскиот совет. После проекцијата на филмот следува разговор со авторката и коктел на терасата на МСУ, со што ќе се одбележи последната ноќ на „Родови перцепции“.

Сниман во период од пет години, „Триесет души“ е филм со две страни: и документарен и фикција. Прикажува еден свет кој е вистински и друг кој е имагинарен, еден свет кој е млад и друг кој е стар, еден кој има само огниште и друг кој е со гигантски размери, еден од минатото и друг со иднина, еден кој е жив и друг кој е мр*ов.

„Триесет души“ имаше своја светска премиера на 68-от Берлински филмски фестивал, а после Берлин освои преку 10 меѓународни награди со прикажувања на преку 30 светски фестивали.

Дијана Туседо има работено како монтажерка на шеснаесет долгометражни филмови на неколку режисери, вклучувајќи ги Исаки Лакуеста и Алберто Гарсија. Како режисерка, има направено повеќе креативни документарни и експериментални кратки филмови кои биле прикажани на филмски фестивали и во неколку центри за современа уметност.

Проекцијата на филмот Триесет души е програмска соработка помеѓу “Родови перцепции” и редовната филмска и видео програма на МСУ.

МСУ – Скопје изразува благодарност кон сите кои веќе ја посетија изложбата или програмските содржини кои беа дел од Родови перцепции. Континуирано работевме на програмските содржини, и во оваа прилика сакаме да ги поканиме сите оние кои до сега немаа прилика да дојдат како и оние кои сакаат повторно да дојдат заедно да го одбележиме крајот на ова значајно патување за родовата еднаквост во современата уметност.

На „Родови перцепции“ која се отвори со преформансот “Луис” на уметничкиот колектив од Лондон ГрејсГрејсГрејс, се претставени 39 дела од 25 светски реномирани авторки од Британија и Северна Македонија, како што се Трејси Емин, Сара Лукас, Лубаина Химид, Анета Светиева, Моника Мотеска, Христина Иваноска.

Куратори на изложбата се Кумјана Новакова и Благоја Варошанец.