Започнува културно лето во Карпош

|

Од 29 до 31 август, на плоштадот „Делфина“ во Влае 2 и на платото на „Млечен“ ќе се одржи 12 – то издание на COOLтурно Лето Карпош 2019.

Оваа година, манифестацијата ќе се одвива на две различни локации, со цел да се привлечат граѓани од различни населби од Карпош, но и од другите скопски општини.

Акцентот е ставен на домашните изведувачи, млади таленти, но и на докажани имиња на македонската музичка сцена.

Во изјава за медиумите, градоначалникот Стефан Богоев ги покани сите граѓани да бидат дел од ова COOLтурно Лето.

ЧЕТВРТОК е првиот ден од годинешново издание на карпошовото COOLтурно Лето, при што започнуваме во 19:30 часот на плоштадот „Делфина“, со детската претстава „Зеленковци“ во изведба на Театар Провокација. Продолжуваме со популарниот Жаре Еден на Еден, кој два дена ќе ја води програмата, а по него ќе настапат Гуру Харе, Антониа Гиговска, Мики Јовановски – Џафер и Емилија Колоска.

Во ПЕТОК, исто така на плоштадот „Делфина“, од 19:30, вечерта ја отвора култниот лик за најмладите – Петко 5+, а потоа следува перформанс на група од светски хорови кои се учесници на Меѓународен фестивал во Скопје. Вечерта се затвора со добро познатата група НОКАУТ.

Во САБОТА, продолжуваме со забава за најмладите, но на платото на „Млечен“. Од 18:30 се дружиме со GP и Steffonator и со Слаткаристика. Вечерта, со својот настап, дополнително ќе ја збогатат Александар Митевски & Дац, а годинешното COOLтурно Лето ќе го затвориме со поп – рок забава, со Дани Димитровска и нејзиниот бенд.

Програмата е прилагодена за сите генерации: најмладите, тинејџерите, повозрасните.

Локалната самоуправа ги поканува сите граѓани да бидат дел од овој настан, каде што ќе доминира меѓугенерациска дружба и добрата музика.