Во краткиот говор во текот на Самитот за планетата Земја во 1992 година, Фидел Кастро предупредил на еколошкиот хаос кој ѝ се заканува на планетата. 27 години подоцна, неговите зборови се потврдија со уништувањето и неконтролираните пожари кои траат неколку недели.
Во јуни 1992 година, Кастро одржал краток, но впечатлив говор во присуство на лидери и претставници од 170 земји. Сега кога огнените стихии немилосрдно ги голтаат “белите дробови на Земјата”, видеото со неговите зборови стана вирално на социјалните мрежи.
Во тоа време, Кастро ги обвинил потрошувачките општества како причина за “страшното уништување на околината”.
“Шумите исчезнуваат, пустините се шират, милијарди тони плодна земја заминува во морето секоја година. Многу видови изумираат. Притисокот на населението и сиромаштијата доведуваат до очајнички напори за опстанок, дури и на штета на природата. За тоа не е возможно да се обвинат земјите од Третиот свет, нации кои немилосрдниот светски поредок ги експлоатирал и ограбувал”, изјавил Фидел.
Но, ова не е единствениот пат поранешниот претседател на Куба да зборува за катастрофите кои ја очекуваат планетата. По самитот во Рио де Жанеиро имало и многу други говори, вклучувајќи го и оној од 30-ти јуни 1999 година, кога во Бразил го дефинирал видот на свет кој е потребен за човештвото да преживее.
“Свет кој има вода за пиење. Свет кој има воздух кој може да се дише. Свет кој може да ја набави потребната храна. Свет кој со својата богата технологија е способен да произведе кровови кои им се потребни на луѓето за да живеат, училишта во кои децата мора да се образоваат, лекови за зачувување на здравјето на своите жители, неопходна медицинска помош за сите, деца, млади и стари”, навел Кастро.
Hace 27 años, el líder cubano Fidel Castro pronunció su discurso en la Conferencia de las Naciones Unidas sobre el Medio Ambiente y el Desarrollo que acogió Río de Janeiro (Brasil). Sus palabras provocan escalofríos si se tiene en cuenta la destrucción de la Amazonía hoy en día. pic.twitter.com/VDDOlpGoZ7
— RT en Español (@ActualidadRT) August 25, 2019
Исто така, во 2003 година во текот на Конференцијата на потписниците на Конвенцијата на Обединетите нации за сузбивање на сушите во Хавана, кубанскиот претседател уште еднаш ги нападнал потрошувачките општества и предупредил дека во наредните пет или шест децении “ќе бидат исцрпени резервите на фосилни горива”.
Иако во 2008 година се повлече од политика, Кастро продолжи да се занимава со проблемот на климатските промени и нивните разорни последици преку своето познато “Размислување” кое го објави во текот на своите последни години од животот во кубанскиот печат.
Фидел уште во 1992 година предупредил дека еден ден човештвото ќе стане свесно за ваквиот проблем, “иако тогаш би можело да биде предоцна”.