Новата генерација на iPhone доаѓа со најбрзиот процесор и „професионални“ камери

|

Трите нови iPhone телефони кои беа синоќа претставени се опремени со „најмоќниот мобилен процесор“ и имаат 2, односно 3 камери со одлични фотографски способности.

Интересно, но без премногу возбудувања – така би можеле да го опишеме утрото во седиштето на Apple во Купертино каде што Тим Кук и „екипата“ ги претставија новитетите на кои што работеа во текот на изминатите месеци.

Централна улога во салата наречена по Стив Џобс имаа, секако, новите модели на iPhone – после возбудливите „иксови“ во називот, новата генерација е претставена како iPhone 11, односно 11 Pro и 11 Pro Max.

Класичната „единаесетка“, наследник на XR го задржа екранот со иста дијагонала (6,1-инчен LCD) и со цената од 699 долари би требало да биде најпродаваниот модел од новата генерација. Доаѓа со најбрзиот процесор, но и најмоќна графика во однос на конкуренцијата, така барем го пофалија челниците на Apple новиот чип A13 Bionic при претставувањето.

Најевтиниот модел доаѓа со две камери, односно покрај класичната од 12 мегапиксели, има ултраширока камера со иста резолуција. Видеозаписите можат да се снимаат во 4К резолуција при 60 fps.

Што се однесува до моделот за „професионалци“, главниот акцент е ставен на камерите, двата модели 11 Pro и 11 Pro Max имаат по три камери (класична, телефото и широкоаголна) со иста резолуција од 12 мегапиксели.

Новите модели доаѓаат со уште подобри екрани кои што од Apple ги нарекоа Super Retina XDR екрани, додека дијагоналата остана иста како кај минатогодишните модели – 5,8 и 6,5 инчи. Од Apple посебно го издвоија подолгото траење на батериите во однос на моделите од 2018-та година – еден час подолго кај „обичниот“, па до 4, односно 5 часа кај 11 Pro и 11 Pro Max.

Цената изнесува очекувани 999 долари за моделот 11 Pro, односно 1099 долари за моделот 11 Pro Max, а нивната испорака започнува на 20 септември.