Пред очите на светот се случува еколошка катастрофа: Сред континентот се топи глечер со 15% од „светскиот мраз“

|

15% од „светскиот мраз“ се заробени на тибетската висорамнина во подножјето на планинскиот ланец Меили и планинскиот врв Кава Карпо на 6740 метри надморска височина.

Научниците ова подрачје го нарекуваат „третиот пол“, затоа што ја чува најголемата количина на снег и мраз после Арктикот и Антартикот.

Глечерот на Тибет денес ги загрозува животите на жителите со тоа што во подножјето забрзано се топи. Глечерот Мингјонг забрзано исчезнува и се смета дека тоа е еден од глечерите кои што најбрзо се топат во светот. Од 1970-та година тибетанскиот глечер загубил дури една четвртина од својот мраз.

Овие денови се очекува објавување на извештајот на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC) во кој научниците проценуваат дека до крајот на векот ќе исчезнат две третини од тибетскиот глечер. Дури и ако Меѓународната заедница одговори со итни промени со кои би се ограничило глобалното затоплување, глечерот ќе продолжи да се топи.

Глечерот Мингјонг многумина го нарекуваат замрзнатата азиска водена кула. Тој е извор на неколку од 10-те најголеми светски реки – Ганг, Брахмапутра, Жолтата река, Меконг и Инд, од кои со вода се снабдуваат дури 1,6 милијарди луѓе.

Ситуацијата е депресивна и застрашувачка, вели за „Гардијан“ Џозеф Ши, експерт за глечери при Универзитетот Британска Колумбија. „Тоа ја менува природата на планината длабоко и многу видливо“, изјави професорот Ши.

Научниците анализирале сателитски снимки, преку кои заклучиле дека мразот сега се топи со двојно поголема брзина од периодот од 1975-та до 2000-та година кога просечната температура била за 1 Целзиусов степен помала.

Глечерите на подрачјето на Хималаите губат околу половина метар мраз годишно поради климатските промени, заклучија научниците. Една од причините за забрзаното топење на мразот е тоа што просечната температура на Тибетската висорамнина се зголемува за три пати побрзо од светскиот просек. Доколку не биде намалена емисијата на штетни гасови, трите светски пола ги очекува загревање од 5 Целзиусови степени.