Фотографиите покажуваат како пилотот останал висејќи во воздух закачен на електричните жици на далековод.
Белгиски воен авион се сруши во западна Франција, по што пилотот останал „заробен“ на висконапонски далековод. Според првичните извештаи, пилотот на воениот авион „Ф-16“ и копилотот се катапултирале пред рушењето на авионот и се сметаат за живи.
Набрзо после инцидентот била организирана голема спасувачка акција во која, како што пренесуваат белгиските медиуми, учествуваат над 100 спасувачи.
Спасувачките екипи се обидуваат да го ослободат пилотот чиј падобран се заплеткал меѓу жиците. Инцидентот се случил во близина на градот Плувигнер во околу 10:30 часот по локално време, пренесува “Le Telegramme”.
Дел од градот во близина бил евакуиран, а за среќа нема повредени. Сведоци раскажале дека слушнале силна експлозија пред авионот да падне и да експлодира во близина на градот. Еден сведок открил дека неговата сопруга била во куќата кога ја слушнала силната експлозија. Кога излегла во градината забележала дека во непосредна близина авионот гори.