Почина поранешниот француски претседател Жак Ширак

|

Поранешниот претседател на Франција, Жак Ширак почина на возраст од 86 години. Веста за смртта на Ширак ја соопштија од неговото семејство, пренесува “France24”.

Ширак беше прв човек на Франција во периодот од 1995-та до 2007-ма година, а го наследи Николас Саркози.

Пред да се пресели во Елисејската палата како претседател на една од најмоќните европски држави, Ширак дури 18 години, од 1977-ма до 1995-та година беше градоначалник на главниот град Париз. Покрај тоа, во два наврати (од 1974-та до 1976-та и од 1986-та до 1988-ма година) беше и француски премиер.

Ширак беше познат како еден од најголемите противници на војната во Ирак, поради што се најде на удар на американските и британските медиуми.

Во Франција го паметат како еден од главните заговорници за поголемо влијание на државата на економијата и пркосењето на многу западни политичари во тоа време.

Пред осум години парискиот суд го прогласи за виновен за ненаменско трошење на јавни средства во периодот кога беше градоначалник на Париз, поради што му беше изречена двегодишна условна затворска казна.