Компјутерот на Гугл може да го направи невозможното – за 200 секунди завршил работа за која се потребни 10.000 години

|

Гугл официјално изјави дека успеал да постигне квантна надмоќ во новиот напис, објавен во научниот магазин “Nature”.

Ваквата објава доаѓа по еден месец откако се појавија првите гласини за овој голем успех. 

Сега е сè официјално – што значи дека сите детали во врска со истражувањето се јавни и научните заедници сега може детално да го преиспитаат успехот на гигантската компанија.

Гугл тврди дека неговиот 54-кубитен “Sycamor” процесор успеал да изведе калкулација за само 200 секунди. За споредба, најмоќниот суперкомпјутер на светот би можел да го постигне истото за 10.000 години. Тоа значи дека оваа калкулација, која вклучувала случајни броеви, е невозможна на традиционален, не-квантен компјутер. 

Без премногу изненадувања, IBM веднаш се огласил по повод ваквиот успех – најверојатно бидејќи компанијата е задолжена за суперкомпјутер за кој Гугл тврди дека е поразен. IBM во посебен блог објаснил дека истата задача може да се изврши и преку класичен систем за 2,5 дена, а не за 10.000 години. 

Можеби години нè делат од квантните компјуери кои можеме да ги користиме за практични работи, но успехот на Гугл потврдува дека таквата иднина е многу можна.