„Боинг“ приземји над 50 авиони: Направени се сериозни безбедносни грешки

|

Американскиот гигант „Боинг“ соопшти дека ширум светот се приземјени над 50 авиони откако бил откриен дефект поврзан со крилата.

Највисокото раководство на оваа компанија призна дека се направени сериозни грешки кои можат да влијаат на безбедноста.

Сето тоа е откриено за време на сведочењето на првиот човек на „Боинг“, Денис Муленберг пред парламентарниот одбор во САД во текот на вчерашниот ден. Тој призна дека компанијата направила сериозни грешки во врска со клучниот безбедносен систем попознат како “MCAS”.

„Јас сум одговорен. Две несреќи се случија за време на мојот мандат. Се чувствувам за одговорен за тоа што се случи“, порача тој.

Тие две несреќи се рушењата на двата најнови авиони на „Боинг“ од типот „737 Макс 8“ за помалку шест месеци, нешто што сериозно ја загрози репутацијата на американската компанија.

Станува збор за авионската несреќа – рушењето на авионот на “Ethiopian Airlines” при што загинаа 157 луѓе и падот на истиот тип на авион на компанијата “Lion Air” во Индонезија, несреќа во која животот го загубија 189 лица.