Претседателот на Боливија, Ево Моралес изјави дека ќе распише нови претседателски избори откако опозицијата ги отфрли изборните резултати, обвинувајќи го за изборна измама.
Говорејќи на вондредната прес-конференција, долгогодишниот лидер на Боливија порача дека ќе распише нови претседателски избори, а исто така и ќе ги смени членовите на државната изборна комисија.
Организацијата на американски држави која ги следеше претседателските избори во Боливија, повика на поништување на неодамнешните изборни резултати. Откако Моралес одби да го направи тоа после неодамна организираните избори на кои доби нов мандат, во земјата избија масовни протести.
Моралес синоќа додека ситуацијата на улиците во боливиските градови ескалираше, повика на итни преговори помеѓу четирите најголеми парламентарни партии во земјата, а го повика и папата Франциско да помогне во решавањето на кризата во оваа јужноамериканска земја.
Од боливиската државна изборна комисија, ги отфрлија обвинувањата дека имало бројни изборни нерегуларности, но демонстрантите не се откажаа и продолжија со протестите кои предизвикаа хаос ширум државата.
Во нередите досега се убиени три лица, а над 300 се повредени. Моралес кој е најдолго на чело на државата од сите лидери во Јужна Америка, негира дека имало изборни нерегуларности, но се чини дека сега конечно попушти.