Камен метеор од 100 килограми минал над американската сојузна држава Мисури и го пробил звучниот ѕид.
НАСА наведува дека метеор кој блескал на небото над Сент Луис се отцепил од Појасот на астероиди меѓу Марс и Јупитер, и стигнал до Земјата. Иако тежок околу 100 килограми, бил со големина на кошаркарска топка, велат астрономите.
Локалните медиуми известуваат дека на експертите им помогнале пријавите на очевидците од Јужна Дакота и Минесота и два видео записи за да го реконструираат движењето на метеорот.
Тие утврдиле дека во понеделникот навечер камениот метеор летал со брзина од 53.910 километри на час, со што предизвикал силен звук на експлозија – пробивање на звучниот ѕид.
НАСА со помош на сателитски снимки измерила дека метеорот како огнена топка на небото бил посјаен од најсјаниот ноќен објект, планетата Венера.
Бил Коук, од Канцеларијата на НАСА за метероидни појави, во Хантсвил во Алабама, рекол дека метеорот се распаднал на парчиња од 19,3 километри над површината на Земјата.