Импресивно: Новиот Golf една четвртина од времето возеше со целосно исклучен мотор!

|

Осмата генерација на Golf дебитираше овој месец, а во сенка на големата дебата за дизајнот на надворешноста и внатрешноста на возилото остана технологијата за заштеда на гориво која е навистина импресивна.

Системот кој овозможува привремено, целосно исклучување на бензинскиот мотор во текот на возењето и со самото тоа заштеда на гориво, беше користен и кај седмата генерација после редизајнот, конкретно кај моделот 1.5 TSI ACT BlueMotion од 2017-та година.

Сепак, новина кај Golf 8 е што таа технологија е унапредена со комбинирање на таканаречената „блага“ хибридна технологија (mild-hybrid) со 48-волтен стартер-генератор и дополнителен 48-волтен акумулатор, а оваа верзија на мотор доби ознака eTSI.

Технологијата овозможува во текот на возењето автоматски да се исклучи бензинскиот TSI мотор кога компјутерот ќе процени дека неговата работа не е неопходна.

За време на тестирањето на возењето на овој автомобил кое го објавија од “1001cars”, автомобилот помина 33 километри, а вкупно со исклучен бензински мотор се движеше цели 9 минути и 45 секунди, односно речиси четвртина од целото време.

Треба да се напомене дека Фолксваген го нуди Golf eTSI исклучиво во верзија со автоматски DSG менувач со двојно квачило, а тие кои ќе сакаат да го добијат моделот со мануелен менувач, нема да ја имаат опција за гасење на моторот за време на возење, туку само стандардната start-stop функција при застанување на пример на семафор.

Golf eTSI е достапен во опции со 110, 130 и 150 коњски сили, а од Фолксваген велат дека овие модели имаат за 10% помала потрошувачка од стандардниот TSI бензинец. Овој хибриден погон исто така ги подобрува и перформансите на автомобилот, па Golf eTSI има и подобро забрзување.