Поради моменталната ситуација во светот, германскиот автомобилски гигант БМВ годинава ќе отпушти 6.000 од своите 120.000 вработени, а исто така ќе ја прекине соработката со Мерцедес-Бенц за развој на самовозечки возила.
И двајцата производители на автомобили во заедничка изјава посочија дека, со оглед на трошоците за воспоставување заедничка технолошка платформа и општите економски околности, не е вистинско време за вакви инвестиции.
– Ни требаат дополнителни мерки за да ја направиме групата БМВ поотпорна на надворешните влијанија и флуктуациите на пазарот, се вели во соопштението на БМВ.
БМВ, Волво и многу други се соочуваат со последиците од болеста што сериозно ја намали продажбата на автомобили.
Во првиот квартал од годинава, баварскиот гигант продаде 477.000 возила, што е за 21 процент помалку од истиот период минатата година. Компанијата мораше да затвори неколку фабрики за неколку недели заради спроведување на мерките за спречување на ширењето на болеста.
Минатиот месец, БМВ соопшти дека ги намали планираните инвестиции за оваа година од планираните речиси шест милијарди евра на помалку од четири.