Хрватските медиуми јавуваат дека авионот „Цесна“, кој вчера исчезна од радарот меѓу Слуњ и Раковица во Хрватска, бил пронајден со помош на дрон.
„Имаме пронајдок“, соопштија од тимот на беспилотните летала кои ја пребаруваат пошироката област. Тоа беше пријавено преку радио врска со базата, а за тоа сведочеа и репортерите на „Јутарњи лист“ кои се на тој терен со друга екипа пилоти.
Во базата беа пријавени и точните координати на локацијата.
„Гледам делови од опашката, крилата и кабината“, рекол пилотот кој го нашол авионот.
Авионот „Цесна 182“ кој летал од правец на Сплит кон Германија, а во кој имало четири лица, исчезнал од радарот на Хрватската контрола на летови вчера во 11.25 часот на поширокото подрачје на Слуњ.
Според хрватската полиција, пилотот на спортскиот авион „Цесна“ е Швајцарец, а патниците се двајца германски државјани и еден хрватски државјанин.