Двајцата пилоти, на возраст од 27 и 34 години загинаа откако кусо пред 15 часот по локално време се урна канадерот со кој го гаснеа пожарот во близина на Каристос на грчкиот остров Евија, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Генералштабот на грчкото воздухопловство соопштија дека за време на воздушно гаснење на пожарот на Евија, во 14:52 часот, се урна авионот CL-215 и загинаа пилотот и копилотот.
Според информациите на evima.gr, канадерот паднал во пожарот додека се обидувал да го изгаси во Каристос.
Како што може да се види на видеото, канадерот испуштил вода на огнот, потоа со крилото поткачил едно дрво, продолжил да лета и исчезнал, по што може да се види експлозија.
Заменик-гувернерот на Евија ја потврди веста на evima.gr, велејќи дека жителите на областа го виделе падот на авионот. Во авионот има две лица и паднал во провалија на многу тешко место.
Потресно сведоштво на жител вели дека „Видов како канедерот паѓа пред мене, шокиран сум, се надевам дека децата се добро“.