Езџан Алиоски, Македонскиот репрезентативец, од следната сезона ќе игра во Премиер Лигата. Лидс, екипата за која игра Алиоски, а која оваа сезона се натпреварува во Чемпионшип (втората по квалитет лига во Англија) успеа да заврши како првoпласирана.
Пред почетокот на денешниот дуел домаќинот Дерби, предводен од Вејн Руни како тренер, со популарниот „шпалир“ го поздрави успехот на Лидс, тим за кој игра македонакиот репрезентативец Езџан Алиоски.
Иако без притисок за добар резултат, тимот на Алиоски и денес успеа да победи. Поуспешни беа од Дерби на гости со 3-1, а македонскиот репрезентативец го одигра целиот натпревар.
По поразот на главниот конкурент за првата позиција и директен пласман во најдобрата англиска фудбалска лига, Вест Бромвич Албион, кој загуби со 2:1 oд Хадерсфилд, тимот од „Иланд Роу“ избори промоција и тоа како шампион во Чемпионшип.
Лидс ден претходно, на домашен терен го совлада Барнсли со 1:0 и чекаше на финалниот исход од натпреварот помеѓу ВБА и Хадерсфилд.
Откако го назначија аргентинецот Марсело Биелса за тренер, тој успеа да го претвори Лидс во еден од главните конкуренти за промоција во изминатите години. Секоја сезона на Лидс нешто му недостасуваше за да направи промоција во Премиерлигата но во сезоната 2019/20, Лидс едноставно се „прошета“ во Чемпионшип и освои промоција.
Лидс по 16 години се враќа помеѓу најдобрите екипи. Тимот на фамозниот „Ел Локо“, ќе игра првпат во Премиерлигата по 2004 година.
Нашиот Џани, не беше секогаш стартер но кога Биелса ќе го пуштеше како замена од клупа, честопати сезонава се покажаа како полн погодок за Лидс и помогнаа во обидот за правење на последниот исчекор.