Британскиот премиер Борис Џонсон го предупреди францускиот претседател Емануел Макрон дека нема да има одложување на Брегзит, истакнувајќи дека 31-ви октомври е последната шанса да се постигне договор.
Првиот човек на британската влада му порачал на францускиот претседател во телефонски разговор дека „Европската унија не треба да се лаже дека Обединетото Кралство ќе остане во ЕУ после 31-ви октомври“.
Борис Џонсон нагласил дека нема да бара ново одложување на Брегзит, иако според новиот закон кој неодамна го прифати британскиот парламент, тој ќе биде обврзан да го побара одложувањето доколку во меѓувреме не биде постигнат договор со Европската унија.
Токму тој закон британскиот премиер го нарече „чин на капитулација“, нагласувајќи дека поради тоа ослабела положбата на Велика Британија во преговорите со Брисел за Брегзит.
Борис Џонсон минатата среда го изнесе својот план за Брегзит кој во Брисел беше дочекан со доза на скептицизам затоа што во него имало неколку „проблематични точки“. Во текот на викендот британскиот премиер разговарал со неколку европски лидери, меѓу кои со неговите колеги од Финска, Холандија и Португалија, како и со францускиот претседател Макрон.
На неполн месец до напуштањето на Велика Британија на Европската унија и пред европскиот самит на 17-ти и 18-ти овој месец, Џонсон му порачал на Макрон дека ова е „последната шанса да се постигне договор добар за двете страни, за да се оди понатаму и да се гради партнерство помеѓу Велика Британија и Европската унија“.
„Но, за тоа да биде возможно, Европската унија мора да ги направи истите отстапки кои што Обединетото кралство ги направи во последните седмици и месеци“, порачал Џонсон.