Европската унија ќе дозволи таканаречена флексибилност – што значи дека Велика Британија би можела да ја напушти унијата пред рокот ако договорот го одобри парламентот.
Лидерите на Европската унија се согласиле процесот за Брегзит да го продолжат до 31-ви јануари 2020-та година, соопштил претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Тој навел дека Унијата ќе дозволи таканаречена “Флексибилност” – што значи дека Велика Британија би можела да ја напушти ЕУ пред рокот ако договорот го одобри парламентот.
Одлуката доаѓа додека пратениците се подготвуваат да гласаат за предлозите на премиерот Борис Џонсон за вонредни општи избори на 12-ти декември.
Порано излегување на Британија од ЕУ би било можно ако британскиот парламент го ратификува договорот за развод, објавил “Reuters”, повикувајќи се на неименувани извори.
Британскиот премиер Борис Џонсон минатата недела побарал тримесечно одложување на Брегзит, до крајот на јануари 2020-та година, откако пратениците на Долниот дом на парламентот го отфрлиле новиот договор кој тој го постигнал со блокот.
“Reuters” наведува дека секое одложување на Брегзит мора да го прифатат сите 27 земји членки, а забелешките на Франција досега спречувале во донесување на таква одлука.
Според најновиот план, Британија би можела да излезе од Унијата до 1-ви декември или 1-ви јануари, што зависи од тоа кога парламентот би го ратификувал договорот, ноември или декември. Доколку Британија остане во ЕУ и по 31-ви октомври, европскиот блок би побарал од Лондон да именува кандидат за новата Европската комисија, навеле дипломатските извори.