Македонска берза АД Скопје за денес предвиде „Инвеститорски ден“, по повод 25 години од основачкото собрание, во кој сите домашни физички лица ќе може да тргуваат со акции без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции.
На „Инвеститорскиот ден” ќе може да се купат или продадат акции без да се платат провизиите кон Берзата, Централниот Депозитар за хартии од вредност (ЦДХВ) и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива, појаснуваат од Берзата.
За да може да се тргува без дополнителни трошоци денес, ќе треба да ги исполнувате следните услови: инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од членките на Берзата, износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор е ограничен на максимален износ од 10.000 евра, независно од бројот на трансакции преку кои истиот ќе биде остварен, а трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.
Овие седум членки на Берзата денес нема да наплатуваат провизија: Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка Скопје, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Македонија.
Комисијата за хартии од вредност исто така го поддржува „Инвеститорскиот ден“ заедно со ЦДХВ и седум членки на Берзата.
Целта која се сака да се постигне со иницијативата за „Инвеститорски ден” има за цел поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност како и зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава.
Македонска Берза АД има намера овој настан да го прави традиционално секоја година.