Еден од најубавите италијански градови, Венеција е поплавена од катастрофални поплави.
Популарниот туристички град кој е препознатлив по своите канали и прекрасни градби моментално е под вода, а каналите се претворени во реки. Водата е на рекордно ниво, а успеа да пробие и во базиликата Свети Марко, по шести пат во последните 1,200 години.
Во градот е прогласена вондредна состојба, а на фотографиите и видеата од градот на северот на Италија може да се види како водата на улиците им е до колена на посетителите и жителите на Венеција. Под вода е главниот плоштад Свети Марко, бројни ресторани и продавници.
Венеција е град кој брзо може да се опорави катастрофални поплави, но сепак за локалните жители ова се катастрофални сцени.
„Ова е за плачење. Се плашам дека нема решение. Кога ден после поплавите излегов на улиците, беше како на погреб“, изјави 77-годишната жителка на Венеција, Флавија Фелети.
Венеција со векови се соочува со слични ситуации, но во последните неколку децении нивото на водата константно се зголемува, а земјата тоне. Големиот градежен проект на Јадранското море кој има за цел да подигне бариера и да ја спречи плимата да го поплави градот и натаму е заглавен во низа на корупциски скандали.
Градот е загрозен, не само како популарна туристичка дестинација, туку и за околу 50-те илјади луѓе кои живеат во Венеција.
„Ова е град полн со историја. Историја која малку по малку ќе заврши како Атлантида. Луѓето се уништени, вознемирени, тажни. Гледаат град кој исчезнува“, вели Владимиро Кавагнис, возач на гондола.
Иако низ поплавените делови на градот луѓето можат да се движат на поставени платформи, тоа не ги спречува туристите да уживаат во магијата на градот и да направат по некое селфи и на плоштадот Свети Марко.