Првиот контакт со огненото оружје не му го овозможил таткото и изрази каење за стореното, рече адвокатката на неговиот татко по денешното четиричасовно детално сослушување на малолетникот кој на 3 мај во основно училиште во Белград уби 10 лица. Осум од нив беа деца и починаа на лице место, како и вработен како обезбедување во објектот, а едно девојче почина неколку дена подоцна како последица на здобиените повреди.
Оружјето било обезбедено во домот. Тинејџерот кажа дека сефот во кој биле чувани пиштолите имал шифри и долго време се мачел додека ги разбие за што морал да пребарува начини. Со тоа, момчето ги потврди претходно изнесените искази на неговиот татко кој се товари дека го обучувал својот 13-годишен син да ракува со огнено оружје и муниција, водејќи го во стрелачки клуб да пука во мети.
Тој се товари и за непрописно чување на оружје. Против Владимир Кецмановиќ се води кривична постапка поради сомнежи за сторено кривично дело „тешко дело против општата сигурност“. Неговиот син, пак, не може кривично да одговара, бидејќи во моментот на злосторството имаше 13 години.
На денешното сослушување на тинејџерот присуствуваше и неговата мајка. Момчето даваше исказ преку видео линк од психијатриска установа во која се наоѓа и Вишото јавно обвинителство во Белград. Сослушувањето го следеа и родителите на убиените деца кои неколкупати заплакаа за време на одговорите.