Јапонците би можеле наскоро да испуштат милион тони радиоактивна вода во Пацификот од нуклеарната централа Фукушима.
Од хаваријата во 2011-та година се собрале неколку милиони тони вода која е загадена, а со оглед на тоа што резервоарите се преполнети, би можело да дојде до испуштање на ваква радиоактивна вода во Пацификот.
Јапонските власти предложија контролирано испуштање на радиоактивна вода во океанот, а исто така предложено е и загревање на водата за еден дел да испари во атмосферата.
Како што пренесуваат тамошните медиуми, испуштањето на водата во океанот би било строго контролирано, па така океанот „не би бил премногу загаден“ со радиоактивната вода од нуклаерната електрана Фукушима.
„Повеќе не постои опција за друго складирање на контаминираната вода“, соопштија надлежните.
Јапонските власти сметаат дека контролираното испуштање на радиоактивната вода во океанот е најдобра опција, затоа што водата полека би се мешала со океанот и така научниците би биле во можност да го следат нивото на радиоактивност.
Инаку, во електраната постои систем и за филтрирање кој ги филтрира речиси сите радиоактивни елементи, освен тритиумот. Меѓутоа, експертите велат дека е штетен за луѓето само во големи дози.
Од друга страна, компанијата која раководи со нуклеарката вели дека најголемиот дел од водата која се чува во нуклеарната централа и натаму содржи други радиоактивни елементи како цезиумот кои се опасни по човечкото здравје.
На вчерашниот состанок не беше донесена конечна одлука за решавањето на проблемот со радиоактивната вода. Експертите, вклучувајќи ги и оние од Меѓународната агенција за атомска енергија кои извршиле проверка на нуклеарната електрана го поддржале контролираното испуштање на водата во океанот како единствена реална опција.
Сепак, на целиот овој план остро се противат локалните жители, еколозите и рибарите кои тврдат дека испуштањето на радиоактивната вода сериозно ќе го загрози екосистемот не само во тоа подрачје на Јапонија, туку и во целиот свет.
Инаку, нуклеарната катастрофа во Фукушима се случи во 2011-та година откако Јапонија беше погодена од силниот земјотрес по кој следуваше и удар од цунами. Тогаш настрадаа над 15 илјади жители, додека пак во нуклеарната централа Фукушима се случија низа на експлозии кои предизвикаа испуштање на смртоносна радијација во околината.